Хемија за сите

Архитектот на валентноста

Сер Едвард Франкланд

Во историјата на науката, некои имиња блескаат како краткотраен пламен, додека други дејствуваат тивко, но длабоко – како темел врз кои се издига цела епоха.

Сер Едвард Франкланд (1825–1899) несомнено припаѓа на оваа втора, поретка група. Човекот кој ја научи хемијата како атомите се „држат за раце“, никогаш не стана популарен херој на науката, но неговата идеја за валентноста стана јазикот на кој денес зборува секој хемичар во светот.

Валентност

Животот на Франкланд започна под облаците на Ланкастер, во околности што во викторијанска Англија претставувале речиси непремостлива пречка. Како вонбрачно дете на мајка слугинка, тој го носеше стигматизирачкиот товар на „незаконитото потекло“. Неговиот биолошки татко, аристократот Едвард Дигби, тајно го поддржувал финансиски, но никогаш јавно не го признал. Таа тивка, но постојана дистанца го обликувала карактерот на Франкланд: дисциплина, упорност и длабока вера дека угледот може да се изгради единствено преку интелект.

Првиот допир со хемијата го имал во аптеката на Стивен Рос. Таму, како чирак, поминал шест години во она што подоцна ќе го нарече „најтешкото ропство“ – по 14 часа дневно толчење супстанци во тешкиот аван. Се раскажува дека рацете му биле толку истоштени што навечер едвај ги држел книгите. Но токму тогаш, во миговите на физичка исцрпеност, неговиот ум барал засолниште во теоријата: зошто материјата се однесува така како што се однесува?

По студиите во Германија кај Роберт Бунзен – мајсторот на експерименталната строгост – Франкланд се вратил во Англија со една опсесија: да го пронајде внатрешниот ред на материјата. Во 1852 година, работeјќи со органометални соединенија, забележал нешто што другите го сметале за случајност. Во својот клучен труд тој напишал дека елементите не се поврзуваат произволно, туку покажуваат изненадувачка симетрија и постојанство во бројот на врски што ги градат. Ова набљудување – денес класично – претставува „родниот лист“ на теоријата за валентноста. На едноставен јазик, Франкланд сфатил дека секој атом има строго определен број на „слободни раце“. Не е важно кој атом му приоѓа – водород, хлор или кислород – туку колку врски самиот атом може да издржи. Така, азотот секогаш гради три или пет врски, јаглеродот четири, а кислородот две. Со овој увид, хемијата од збирка на рецепти се претвори во архитектура.

валентност

Еден помалку познат, но фасцинантен аспект од неговата работа се експериментите со органометални соединенија како диетилцинкот – супстанци што се палат при контакт со воздух. Во време без заштитни очила, ракавици и аспиратори, ваквите експерименти биле вистинска игра со оган.

Постои анегдота дека при една демонстрација соединението избувнало во пламен, предизвикувајќи вознемиреност кај студентите. Франкланд, пак, ладнокрвно забележал дека реакцијата „одлично ја илустрира природата на хемиската врска“. Со ваква смиреност, тој практично ги постави темелите на органометалната хемија.

Диетил цинкот е силно пирофорна течност со мирис на лук: се пали спонтано при допир со воздух, затоа што С-Zn врски експлозивно се оксидираат. Затоа завршил во ракетната технологија: се самозапалува при контакт со оксиденсот, па моторот не бара искра - треба само пумпа и голема храброст.

Интересите на Франкланд не завршувале во лабораторијата. Во 1868 година, заедно со Норман Локјер, го проучувал спектарот на Сонцето и открил жолта линија што не одговарала на ниту еден познат елемент. Тие претпоставиле постоење на нов елемент и го нарекле хелиум – години пред тој да биде изолиран на Земјата. Иако првично погрешно го замислувале како метал, името што Франкланд го предложил остана засекогаш.

valentnost

Паралелно со космичките истражувања, тој водел и тивка, но пресудна битка за јавното здравје. Како официјален аналитичар на водата во Лондон, Франкланд без компромиси ги разобличувал загадувањата. Кога еден директор на водоводна компанија го укорил дека неговите извештаи ја плашат јавноста, тој одговорил: „Мојата задача не е да ве смирам, туку да ве спречам да не отруете.“ Со инсистирањето на систематска хемиска и бактериолошка контрола, тој индиректно спасил безброј животи од колера и тифус.

valentnost

Илустрацијата „Монструозна супа“ ја прикажува ја загадената состојба на водата на Темза, 1828 година.

valentnost

Записите од анализата на водата на Франкленд, датирани од март и април 1871 година

Франкланд бил и страствен алпинист. На Алпите го барал она што Лондон не можел да му го даде – чист воздух и простор за размислување. Дури изведувал експерименти на големи надморски височини, проучувајќи го согорувањето како функција на притисокот и кислородот.

Иако на крајот од животот добил витешка титула и станал претседател на Кралското друштво, тој останал затворен и резервиран човек. Дури по неговата смрт јавноста дознала за неговото потекло. Целиот свој живот го поминал градејќи совршени структури – и во науката, и во сопствениот углед – како противтежа на хаосот на своето раѓање.

Сер Едвард Франкланд беше архитект на невидливото. Тој ја трансформираше хемијата од занает во јазик на врските и капацитетите. Секогаш кога денес гледаме структурна формула на лек, материјал или биомолекула, ние ја гледаме токму онаа „симетрија на конструкцијата“ што Франкланд прв ја препозна. Неговиот живот е доказ дека умот може да ја надмине социјалната стигма, да ја исчисти водата на еден мегалополис и да го именува елементот што прво бил виден – на Сонцето.

Автор на статијата: Блаже Димески
08 февруари 2026
Андерс Густав Екеберг

Човекот зад танталот

Хемијата на првиот алкотест

„Дранкометарот“ на Рола Харгер

Од протил до протон

Вилијам Праут и природата на материјата

>> Прочитај повеќе слични содржини!   

донирај

Генерален спонзор

генерален спонзор

Пријатели на науката

спонзор
спонзор
спонзор

Презентации и поимници

Презентации за основно образование

e hemija

Контактни информации:

e-hemija logo

Здружение за унапредување и развој на образованието и науката
„Е-ХЕМИЈА“ – Прилеп

Испрати порака:
e-hemija контакт

Е-Хемија на Facebook:
e-hemija facebook

Е-Хемија на Twitter:
e-hemija facebook

Пријатели на науката:

Здружение за унапредување и развој на образованието и науката „Е-ХЕМИЈА“ – Прилеп
Copyright © 2026 ehemija.mk

WebDesign www.nainternet.mk

e-hemija