Често го земаме светот околу нас здраво за готово. Промените што се случија во изминатите 200 години се запрепастувачки до точка на чудење. Пример за овој неверојатен развој би бил еден од најчестите метали што не опкружуваат секој ден. Речиси каде и да погледнеме, гледаме предмети направени од овој сребрено-бел метал : од фолија во кујната до авионите кои ни летаат над главата. Иако алуминиумот е најзастапениот метал на земјата, никој никогаш не го видел до 1825 година.
Во раните 1800-ти, овој метал на кој што денес во секојдневието не му придаваме големо значење, вредел исто како златото. Наполеон III (не оној јакиот-Бонапарта), последниот монарх на Франција, ќе се пофали со својот богат личен прибор за вечера,изработен од алуминиум.
Соединетите држави ќе ја покажат својата моќ со ставање алуминиумска капа од 2,5 килограми на врвот на споменикот во Вашингтон. Во тоа време ова било најголемото парче од тој метал што некогаш било користено.
*Слика бр.1: поставување на алуминиумскиот врв на обелискот Вашингтон. Слика бр 2: Споменикот - обелиск во чест на Џорџ Вашингтон, првиот претседател на САД, свечено откриен во 1888 год. во градот Вашингтон Д.Ц.
Да се разбереме, алуминиумот не е редок метал, туку е една од најчестите супстанци на планетата (најзастапен од металите во земјината кора). Сепак, бидејќи алуминиумот е „пријателски метал“ и има навика да се меша со други супстанци и цврсто да се врзува а не можеме лесно да го „одврземе“
Исто како азотот: тој е најзастапениот гас во нашата атмосфера, но до почетокот на 1900-тите се покажа дека е невозможно да се извлече од воздухот. Во раните 1800-ти, хемичарите ќе се најдат во ситуација да го имаат истиот проблем со алуминиумот.
Многумина историчари му го припишуваат неговото откритие во 1825 година на Ханс Кристијан Ерстед (Hans Christian Ørsted) иако се чини дека не разбрал што точно открил. Ова води до контроверзии околу тоа кој всушност го „открил“ металот. Тој пронашол нов метод за производство на безводен алуминиум хлорид (AlCl3) од алуминиум оксид (Al2O3) кој се наоѓа во глинената почва. Потоа, тој сфатил дека хлоридот може да се редуцира до чист метал со загревање со калиум(некаде се сретнува калиум амалгам, што додатно ја комплицира чистотата на добиениот продукт)
AlCl3 + 3K → 3KCl + Al
Експериментите што ги извршил всушност резултирале со грутка алуминиум, но со многу нечистотии.
Во 1827 година, Ерстед се сретнал со 27-годишниот германски хемичар Фридрих Вeлер, (Friedrich Wöhler) кому му раскажал за неговите експерименти со металот од глинена почва.Великодушно, тој го охрабрил Wöhler да ја преземе и продолжи неговата работа.
Wöhler го подобрил методот од Ørsted и прв определил голем број својства на алуминиумот, вклучително и неговата впечатливо мала густина за метал од само 2,7 g/cm3 (за споредба, густината на железото е 7,9, а оловото 11,3 g/cm3 ).
Алуминиумот на Wöhler, сепак, воопшто не личел на оној на Ørsted, бидејќи бил во форма на темен, нетоплив прав, додека металната грутка на Ørsted можела да се стопи во стаклена цевка.Од такви причини, се појавиле сомневања дали металната супстанца на Ørsted од 1825 година навистина била алуминиум.
Според Wöhler, металната грутка на Ørsted била повеќе калиум што содржи алуминиум или можеби легура на двата метали. Резултатот од работата на Wöhler значела дека тој во 1827 година, а не Ørsted во 1825 година, ја добива честа дека го открил елементот. Ørsted не покренал никаков приговор, незаинтересиран за тоа прашање. По смртта на Ørsted во 1851 година, неговиот клучен придонес во историјата на алуминиумот отпаднал и од хемијата и од историските книги. Кога биле спомнати неговите експерименти од 1825 година, тие обично биле опишани или како погрешни или како само нецелосно добивање на металот.Повеќето научници се согласиле дека Wöhler е тој што го изолирал алуминиумот како нов метал, поради што тој бил вистинскиот откривач.
Во 1920 година, со голем ентузијазам е прославена 100-годишнината од откривањето на електромагнетизмот на Ørsted. За време на прославата, данските хемичари решиле да испитаат дали Германецот Wöhler или Данецот Ørsted бил вистинскиот откривач на алуминиумот.Бидејќи металната грутка на Ørsted од 1825 година повеќе не постоела, таа не можела да се анализира. Меѓутоа, со внимателно следење на упатствата на Ørsted, хемичарите можеле да го репродуцираат оригиналниот експеримент.Тие утврдиле дека Ørsted, најверојатно, го пронашол нечистиот алуминиумски метал две години пред Wöhler.Како што заклучил Нилс Бјерум, истакнат хемичар и професор на Кралскиот универзитет во Данска, во 1926 година, „време е да се врати Ørsted како откривач на алуминиумот“.Денес постојат докази дека резултатот на Wöhler содржел значителни количества калиум, додека Ørsted содржи само мали количини на калиум и жива.Ниту еден од резултатите не бил од чист алуминиум, но Ørsted од 1825 година веројатно бил почист од оној на Wöhler од 1827 година.
Интересно, Наполеон III од Франција бил воодушевен од металот , наречен нагалено „сребро од глина“ поради неговата сличност со среброто.
Наполеон III инвестирал многу во научникот Анри Сент-Клер Девил:неограничена субвенција за работа на алуминиум а плата 36.000 франци(за споредба годишниот приход на просечното француско семејство во тоа време бил 2.000 франци).
Царот им ги покажувал своите „раскошни“ алуминиумски чинии и прибор за вечера пред лидерите кои го посетувале - за нив би биле резервирани златни садови.
Првиот пробив во добивањето на алуминиумот ќе дојде во 1886 година, кога двајца млади хемичари во различни делови на светот ќе ја откријат тајната за изолирање на металот. Чарлс Мартин Хол во Охајо и Пол Еру во Франција ќе создаваат чист алуминиум со користење на криолит заедно со уште еден нов изум - електрична енергија. Но,за ова во друга прилика.
Овој лесен и отпорен метал, кој 100 проценти може да се рециклира оттогаш стана основа на инфраструктурата на планетава. Се користи во пакувањето, автомобилската индустрија, енергијата, градежништвото, транспортот, воздушната и одбранбените апликации - влијанието на алуминиумот е толку длабоко што историчарите може еден ден да се навратат на нашето време и да го прогласат ова „Доба на алуминиумот“.
Рециклирање на алуминиум
Хемичарите создадоа кристали за екстракција на влагата од воздухот со нула потрошена енергија
Извонредно баксузен, скромен фармацевт кој откри осум елементи и не доби признание за ниту еден од нив
САД во 2010 година ги забранија фосфатите од производите за миење садови и ткаенини
WebDesign www.nainternet.mk