Хемија за сите

Карл Вилхелм Шеле наречен „баксузот“

Извонредно баксузен, скромен фармацевт кој откри осум елементи и не доби признание за ниту еден од нив

Карл Вилхелм Шеле (Carl Wilhelm Scheele, 1742–1786) бил шведски хемичар и фармацевт, брилијантен научник со целосно непромислена љубопитност и фасцинација, кој оставил значителен придонес во областа на хемијата. И покрај тоа што за поголемиот дел од неговата работа не добил доволно признание за време на неговиот живот, денес Шеле е препознаен како еден од најважните хемичари од 18 век.

laboratorijata na shelleШеле е роден во Штралзунд, западна Померанија, тогаш под шведска доминација во Светото Римско Царство. Неговиот татко, Јоаким, трговец со жито и пивар, му ја пренел љубовта кон читањето рецепти и разбирањето на хемиските и фармацевтските тајни. На 14-годишна возраст, Карл бил испратен како чирак-фармацевт во Гетеборг, каде што стекнал вештини и знаења кои му овозможиле да работи како фармацевт. Во 1774 година бил номиниран и избран за член на Кралската шведска академија на науките а потоа, тој се посветил на научни истражувања кои резултираа со долга серија важни трудови.

Исак Асимов го нарекол „баксузот Шеле“, бидејќи направил голем број хемиски откритија кои подоцна им биле припишани на други.

„Шeле беше и извонреден и извонредно баксузен. Скромен фармацевт кој со малку прости апаратури, откри осум елементи (хлор, флуор, манган, бариум, молибден, волфрам, азот и кислород) и не доби признание за ниту еден од нив. Во секој случај, неговите наоди биле или занемарени или биле објавени откако некој друг независно го направил истото откритие. Тој, исто така, откри многу корисни соединенија, меѓу нив амонијак, глицерин и танинска киселина, и беше првиот што го виде комерцијалниот потенцијал на хлорот како белило - сите откритија што ги направија другите луѓе исклучително богати“.

Шеле бил под влијание на тогаш доминантната теорија за гасовите, теоријата на флогистонот. Флогистон, класифициран како „огнена материја“, требало да се ослободи од каков било запален материјал, а кога ќе се исцрпи, согорувањето ќе престанело само од себе.

Во текот на 1770-тите, Шеле експериментирал со греење на супстанци како калиум нитрат и живин оксид. Го изолирал гасот што го нарекол „огнен воздух“ (денес познат како кислород), кој поддржувал горење и живот.

апаратурата на Шелеапаратурата на шеле 2

Апаратите на Шеле за проучување на согорувањето на водородот и дишењето на животните опишани во неговата Chemische Abhandlung von der Luft und dem Feuer објавена во 1777 година.

2HgO → 2Hg + O2

2KNO3→ 2KNO2 + O2

4 KNO3(s) → 2K2O(s) + 2N2(g) + 5O2(g) 

Иако го објаснил експериментот користејќи ја флогистистонската теорија, неговата работа била основа за напуштање на оваа теорија. Шеле ја испратил својата прва публикација, Chemische Abhandlung von der Luft und dem Feuer, во 1775 година, но таа била објавена дури во 1777 година. Во меѓувреме, Џозеф Пристли и Антоан Лавоазје ги објавиле своите резултати и ја добиле заслугата за откривањето на кислородот.

Шеле бил првиот што открил други хемиски елементи како што се бариум (1772), манган (1774), молибден (1778), и волфрам (1781), како и неколку хемиски соединенија, вклучувајќи лимонска киселина, млечна киселина (лимонската киселина од сокот на лимон и млечната киселина од кисело млеко преку кристализација и екстракција), глицерол, цијановодород (исто така познат, во воден раствор, како пруска киселина), флуороводород, и сулфуроводород (1777).

FeS+2HCl→H2S+FeCl2

CaF2+H2SO4→CaSO4+2HF

Неговото германско име Blausäure (сина киселина) го добило од неговото сино железо соединение Fe7(CN)18, познато како Берлинско сино.

Шеле го усовршил процесот на изолирање на фосфор од коскен пепел, начин за масовно производство на фосфор (1769), што ја направи Шведска да стане еден од водечките светски производители на кибрит.

Ca3(PO4)2 + 5 C + 3 SiO2 → 2 P + 3 CaSiO3 + 5 CO

Шеле направил уште едно многу важно научно откритие во 1774 година, веројатно пореволуционерно од неговата изолација на кислород. Кога го третирал пиролузитот (нечист манган диоксид) со хлороводородна киселина преку топла песочна бања, се создал жолто-зелен гас со силен мирис. Тој открил дека гасот е погуст од обичниот воздух, дека гасот е слабо растворлив во вода и дека има способност за белење, па го нарекол „дефлогистирана муријатична киселина“.

MnO2 + 4HCl → MnCl2 + Cl2 + 2H2O

Неговиот труд подоцна бил потврден и надграден од Сер Хемфри Дејви, кој го именувал елементот-хлор, во врска со неговата бледо зелена боја. Својствата за белење на хлорот на крајот беа претворени во индустрија од Берцелиус и станаа основа на индустријата за дезинфекција и дезодоризација на гнило ткиво и рани (вклучувајќи рани кај живи луѓе) до 1824 година.

Шеле почнал да страда од симптоми опишани како бубрежна болест. Како и повеќето негови современици, во време каде што постоеле малку методи за хемиска карактеризација, Шеле ги мирисал и вкусил сите нови супстанци што ги открил.

шеле ги пробувал сите хемикалии

Кумулативната изложеност на арсен, жива, олово и нивните отровни соединенија, го направиле своето. Починал на рана возраст од 43 години, на 21 мај 1786 година, во неговиот дом во Кепинг, наводно од труење со жива.

Зелената боја која ги зацрни домовите на Европа

Scheele’s Green е отровно зелено пигментно соединение, бакар(II) хидроген арсенит (CuHAsO3), кое Карл Вилхелм Шеле го синтетизирал околу 1775 година. Тоа брзо станало популарно за боење на тапети, облека и играчки поради неговата интензивна зелена боја и евтино производство. (AsCuHO3) се добива со загревање на натриум карбонат, додавање на арсен(III) оксид, мешање додека сè не се раствори, а потоа се додава малку бакар(II) сулфат на крајот. Резултатот е прекрасна зелена нијанса со природен изглед што може да направи многу луѓе многу среќни додека полека ги убива од труење со арсен.

Но, овој привлечен пигмент имал мрачна страна: испарувањето на арсенот од пигментот често предизвикувало труења, особено во слабо проветрени простории. Иронично, креацијата што требала да внесе убавина и живот, на крај носела болест, па дури и смрт. Но, постои уште една причина што го попречила поврзувањето на арсенот со опасност. Невообичаено за отров, арсенот имал многу други вообичаени употреби низ историјата од неговото откривање. Арсенот бил вообичаен третман за кожата до почетокот на 19 век. Во викторијанскиот период, арсенот се земал како додаток за внатрешна употреба за да се подобри тенот што резултирало со синкаста и проѕирна кожа. Викторијанските и едвардските лекари го препишале за астма, тифус, маларија, менструални болки, сифилис, невралгија и како неспецифичен лек. Следниот постер од 1896 година рекламира вафли и сапуни на база на арсен за убавина на кожата!

убавини на кожатаВо 1961 година, анализата спроведена на примерок од косата на Наполеон открила многу висока концентрација на арсен. Резултатот ја доведе во прашање смртта од природна причина и беше изнесена хипотезата за труење. Така настана жива дебата за причините за смртта на Наполеон.

Заклучокот бил: „Императорот ги споделуваше вкусовите и трендовите на своето време: ја сакаше зелената боја, а неговата облека, тапацирот и ѕидовите на неговите дневни соби често ја носеа оваа боја“. Конечно, повеќето козметички производи и пудри за коса во тоа време содржеле арсен и Наполеон обилно користел пудра за коса. Затоа, потенцијалот за директна и индиректна контаминација на косата на царот бил многу висок.

Оваа боја почна да се исфрла од употреба дури кога рецептот и составот беше јавно објавен, во 1822 година.

Автор на статијата: Блаже Димески
22 декември 2024
Јанус кристали

Хемичарите создадоа кристали за екстракција на влагата од воздухот со нула потрошена енергија

Детергенти базирани на ензими

САД во 2010 година ги забранија фосфатите од производите за миење садови и ткаенини

Отровна храна и потенцијален лек за канцер

Соланин е отров кој се наоѓа во компирот, доматот и модриот домат

>> Прочитај повеќе слични содржини!   

донирај

Генерален спонзор

генерален спонзор

Пријатели на науката

спонзор
спонзор
спонзор

Презентации и поимници

Презентации за основно образование

e hemija

Презентации за средно образование

hemija .ppt

Контактни информации:

e-hemija logo

Здружение за унапредување и развој на образованието и науката
„Е-ХЕМИЈА“ – Прилеп

Испрати порака:
e-hemija контакт

Е-Хемија на Facebook:
e-hemija facebook

Е-Хемија на Twitter:
e-hemija facebook

Пријатели на науката:

Здружение за унапредување и развој на образованието и науката „Е-ХЕМИЈА“ – Прилеп
Copyright © 2025 ehemija.mk

WebDesign www.nainternet.mk

e-hemija