Хемија за сите

Полжав

Полжавот како подвижна хемиска лабораторија

Дали би го носеле брошов на Дејвид Веб? Изработен од злато, платина, очи од дијаманти и совршен зелен емајл. Вистинско ремек-дело на рачната изработка и беспрекорен дизајн. Единствен проблем на кој мора да мислите е прекарот кој ќе ви остане засекогаш... па и на поколенијата!

полжав

Лигавицата на полжавот не е само „вода и слуз“ - таа е вистинска биохемиска лабораторија во движење. Станува збор за комплексен хидрогел, чија структура му овозможува на полжавот да се движи, да се лепи за вертикални површини и да се регенерира.

полжав и слуз

Иако содржи дури 91–98% вода, вистинската „магija“ се крие во преостанатите неколку проценти.

Во нејзината основа се гликозаминогликаните (GAG) - долги, силно хидрофилни полисахариди кои врзуваат огромни количини вода преку водородни врски. Тие создаваат гел-матрица што дава волумен, еластичност и способност за задржување на влага - слично на хијалуронска киселина.

полжав

Гликозаминогликаните се важни долговерижни јаглехидрати (шеќери) кои природно се наоѓаат во секое ткиво на човечкото тело. Тие се клучна компонента на сврзното ткиво, 'рскавицата и кожата. Поради нивната способност да привлекуваат и задржуваат вода, тие делуваат како природен лубрикант и амортизер во зглобовите

Втората клучна компонента се муцините - гликопротеини со висока молекулска маса. Нивната структура (протеинска „’рбетница“ обложена со шеќерни групи) овозможува формирање на динамична мрежа поврзана со слаби интеракции (водородни врски, електростатски сили). Токму оваа мрежа ја дава необичната особина на слузта да се однесува како не-њутонова течност.

полжав

Изразот „пробиотски коменсал“ е составен од два важни биолошки поими кои, кога ќе се спојат, означуваат „добри“ бактерии кои природно живеат во нашето тело и имаат корист од нас, но истовремено активно ни помагаат да останеме здрави.

Коменсализам е вид на соживот (симбиоза) меѓу два организми каде што едниот има директна корист, а другиот нема ниту корист, ниту штета. Коменсалните бактерии го населуваат нашето тело (цревата, кожата, усната празнина) веднаш по раѓањето. Физички ги заземаат местата на цревната слузница (се закачуваат за муцинот). Кога ќе дојде некоја патогена, лоша бактерија (на пример, Salmonella), таа нема каде да се закачи бидејќи „сите столици во ресторанот се зафатени“ од нашите коменсали. Исто го зајакнуваат имунитетот: Му помагаат на нашиот имунолошки систем да научи да прави разлика меѓу пријателски структури и опасни напаѓачи.

полжав

Врската меѓу не-њутоновите супстанци и полжавот е еден од најубавите примери за биомимикрија во природата. Полжавот преживува благодарение на тоа што неговото тело лачи слуз која е совршена не-њутонова течност.Оваа слуз го менува својот вискозитет во зависност од тоа колку силно полжавот притиска со своето мускулно стопало на подлогата:

Кога полжавот сака да се помести напред, тој со мускулите на стопалото врши притисок врз слузта. Во тој миг, слузта моментално се стврднува, ја губи флуидноста и станува како цврста, леплива гума. Полжавот се потпира на неа како на цврсто тло и се турка напред. Веднаш штом ќе се придвижи, притисокот на тоа место се намалува. Слузта инстантно се „втечнува“ и станува супер-лизгава, овозможувајќи му на телото на полжавот мазно да помине преку неа без триење.

Може да ползи преку сечило или жилет без да се исече: бидејќи во моментот на допир со остриот раб слузта се однесува како цврст, заштитен штит, неговото меко ткиво никогаш директно не го допира металот

полжав

Под механички притисок, структурата привремено се реорганизира и и тука се јавува феноменот на тиксотропија:
лигавицата станува потечна кога полжавот се движи, но повторно се „зацврстува“ кога треба да се прицврсти.

η=f(γ˙)

(вискозитетот η зависи од брзината на смолкнување - класично однесување на не-њутонови системи)

Дополнително, лигавицата содржи и биолошки активни молекули:

  • Алантоин (C₄H₆N₄O₃) - стимулира клеточна пролиферација и регенерација
  • Гликолна киселина - учествува во благо разградување на врските меѓу мртвите клетки
  • Антимикробни пептиди - делуваат врз бактериски мембрани и спречуваат инфекции

Овие соединенија создаваат природен „заштитен филм“ кој му овозможува на полжавот да преживее во средини полни со микроорганизми.

Архитектура на калциумот: Како се крпи куќичката?

полжав

Кога куќичката на полжавот ќе се оштети, стапува на сцена процесот биоминерализација. Тука алантоинот ја игра клучната улога на „менаџер на градилиштето“. Тој испраќа сигнали до клетките во мантелот брзо да се множат и да лачат протеинска мрежа наречена конхиолин.

Врз оваа органска мрежа, полжавот прецизно таложи слоеви на калциум карбонат(CaCO3). Благодарение на хемиската контрола што ја врши лигавицата, калциумот се кристализира во форма на арагонит, создавајќи структура која е многу поцврста од обичен варовник. Тоа е природна верзија на армиран бетон, каде протеините се „арматурата“, а калциумот е „бетонот“. Оваа способност за самообновување е инспирација за модерната медицина во развојот на материјали за регенерација на коските кај луѓето.

Од хемиски аспект, лигавицата е и пример за самоорганизирачки биоматеријал:
полимерната мрежа (муцини + GAG) формира динамична структура што може да се обновува, да апсорбира енергија и да се прилагодува на надворешни услови.

Токму затоа денес таа инспирира развој на:

  • биоадхезиви (лепила што функционираат во влажна средина, дури и во хирургија)
  • хидрогелови за регенеративна медицина

дерматолошки формулации познати како snail mucin

полжав

Хемиската моќ на полжавот честопати била погрешно интерпретирана во народната медицина. Иако лигавицата е „свет грал“ во модерната козметика поради својствата за заздравување на кожата, голтањето живи полжави за лекување стомачни киселини е опасна заблуда.

Од научен аспект, силната желудочна киселина (HCl) веднаш би го денатурирала и разградила полжавот, поништувајќи ги неговите заштитни својства. Поопасно е што живите полжави се домаќини на паразити кои можат да предизвикаат сериозни болести како менингитис. Ова ја подвлекува границата помеѓу научно потврдената хемија (прочистен екстракт на кожа) и опасните народни верувања.

Полжавот не е само симбол на бавност.
Тој е хемиски инженер - кој носи со себе интелигентен, адаптивен материјал што науката сè уште се обидува да го имитира.

И да - во некои спа-центри во Јапонија и Јужна Кореја, живи полжави се оставаат да ползат по лицето на клиентите. Не е само маркетинг. Тоа е директна апликација на една од најнеобичните биохемиски формулации што природата ги создала.

На крајот, полжавот нè учи на една важна лекција по хемија: комплексноста не секогаш бара брзина. Додека модерната лабораторија се обидува да синтетизира хидрогелови кои ќе лепат во влажна средина (за операции на срце или скршени коски), полжавот тоа го прави со милиони години. Неговата куќичка е неговата тврдина, а неговата лигавица е неговиот штит.

Следниот пат кога ќе видите полжав на патот, не гледајте само бавно животно. Гледајте жив биополимерен систем кој ја носи формулата на вечната младост и совршеното инженерство на својот грб.

Автор на статијата: Блаже Димески
01 јуни 2026
Од аптекарски чирак, до легенда од Сорбона

Животот на Луј Никола Воклен и откривањето на хромот

Хемиската војна против сифилисот

Сифилис е бактерија која е екстремно „срамежлива“ – преживува само во човекот, барајќи допир, интимност и влага.

Пол Емил Лекок де Боабодран

Човекот што стопи метал во дланка и ја потврди точноста на Периодниот систем на елементите

>> Прочитај повеќе слични содржини!   

донирај

Генерален спонзор

генерален спонзор

Пријатели на науката

спонзор
спонзор
спонзор

Презентации и поимници

Презентации за основно образование

e hemija

Контактни информации:

e-hemija logo

Здружение за унапредување и развој на образованието и науката
„Е-ХЕМИЈА“ – Прилеп

Испрати порака:
e-hemija контакт

Е-Хемија на Facebook:
e-hemija facebook

Е-Хемија на Twitter:
e-hemija facebook

Пријатели на науката:

Здружение за унапредување и развој на образованието и науката „Е-ХЕМИЈА“ – Прилеп
Copyright © 2026 ehemija.mk

WebDesign www.nainternet.mk

e-hemija