
Девет дена.
Понекогаш, само толку е доволно за едно име засекогаш да се вреже во историјата на науката!
На 21 јуни 1808 година, Геј-Лисак го објавил изолирањето на нов, мистериозен елемент – бор. Девет дена подоцна, на 30 јуни, истото го сторил и Хемфри Дејви, независно и без да знае за објавата на Французинот.
Истиот елемент. Иста година. Но тие девет дена – цела вечност.

Кога младото француско момче Жозеф Луј Геј-Лисак (Joseph Louis Gay-Lussac) се родил на 6 декември 1778 година во Сен-Леонард-де-Нобла, никој не можел да претпостави дека ќе стане еден од најголемите умови во историјата на хемијата и физиката. Неговата животна приказна е спој од прецизност, љубопитност и храброст – дури и буквална, бидејќи Геј-Лисак бил меѓу првите научници кои се искачиле со балон до небото за да ги истражат тајните на атмосферата.
По завршување на École Polytechnique и École des Ponts et Chaussées – две од најпрестижните институции во Франција – Геј-Лисак покажал исклучителен талент за експериментирање и анализа. Неговиот ментор бил познатиот хемичар Клод Луј Бертоле. Заеднопокажале дека некои киселини не содржат кислород, што ја довело во прашање теоријата на Лавоазје.
Во 1804 година бил назначен за репетитор (демонстратор) на Антоан Фуркроа во Политехничкото училиште, кого го наследил во 1809 година како професор по хемија. Од 1809 до 1832 година, тој бил и професор по физика на Сорбона, позиција од која дал оставка само за катедрата по хемија во Градината де Планте. Во 1821 година, бил избран за странски член на Кралската шведска академија на науките и за странски почесен член на Американската академија на уметностите и науките во 1832 година.
Геј-Лисак имал репутација на еден од најголемите европски научници од своето време, што е добро оправдано со неговите безбројни откритија и во хемијата и во физиката. Обновеното кралско семејство го направило Пер на Франција, иако политички работел со антиклерикалната партија. Геј-Лисак починал во Париз, а неговиот гроб е таму на гробиштата Пер Лашез. Неговото име е едно од 72-те имиња врежани на Ајфеловата кула.
1802 – Геј-Лисак прв го објавил законот дека при постојан притисок, волуменот на кој било гас се зголемува пропорционално на неговата апсолутна температура. Бидејќи во својот труд во кој го објавува законот, цитирал претходно необјавено дело на оваа тема од Жак Шарл, законот обично се нарекува Шарлсов закон, иако некои извори го користат изразот Геј-Лисаков закон. Овој закон бил независно и речиси истовремено искажан од Џон Далтон.

Во 1804 година, Геј-Лисак и Жан-Батист Биот се искачиле со балон на водород на надморска височина од 7.000 метри. Нивната цел? Да го испитаат составот на атмосферата, температурата и влажноста на воздухот. Откриле дека составот на атмосферата не се менува со намалување на притисокот (зголемување на надморската височина). Оваа авантура го направила Геј-Лисак не само научник, туку и херој во јавноста – човек што ризикува живот во потрага по знаење.

Закон за комбинирани волумени (1808): Овој закон, кој вели дека гасовите реагираат во цели волуменски односи, им помогнал на подоцнежните хемичари како Авогадро да ја развијат молекуларната теорија.
Пропорцијата помеѓу обемот на гасовитите реактанти и гасовитите продукти може да се изрази во едноставни цели броеви.
На пример, Геј-Лисак нашол дека 2 волумени на водород и 1 волуменот на кислород ќе реагираат да се формира 2 волумени на гасовита вода
2 волумена на водород + 1 волумен на кислород = 2 волумени на гасовита вода
исто така, може да се изрази како
2 молекули на водород + 1 молекула на кислород = 2 молекули на вода.
Откривање на нови елементи: Заедно со Л. Тенар, во 1808 година го изолирал борот, а во 1813 го именувал новооткриениот јод, елемент кој го открил Куртоа.
Како Геј-Лисак и Тенар го добиле борот?
Тие користеле борна киселина (H₃BO₃), која претходно била изолирана од природниот минерал боракс (Na₂B₄O₇·10H₂O).
Редукција со метален калиум:
Потоа ја загревале борната киселина и ја третирале со метален калиум (K), кој служи како силен редукциски агенс.
Резултат:
Реакцијата резултирала со црнкаста, аморфна маса – нецелосно прочистен бор.
Елементот бил добиен во нечиста форма, но доволно различен за да се смета за нов елемент.
B2O3 + 6K → 2B + 3K2O
Го добиле речиси истовремено со Хамфри Дејви во Англија, но методот што го користеле Геј-Лисак и Тенар бил различен од Дејвиовиот.
1810 – Во соработка со Луј Жак Тенард, тој развил метод за квантитативна анализа на елементарно органско согорување со мерење на CO2 и H2O што се ослободуваат кога органско соединение е целосно оксидирано од калиум хлорат. Тој, исто така, ја сумирал равенката на алкохолна ферментација.
Во раните години на 19. век, светот бил во потрага по нови хемикалии – за бои, лекови и барут. Францускиот хемичар Бернар Куртоа (Bernard Courtois) работел со алги – не поради љубов кон морето, туку заради шалитрата, клучен состојок во барутот.
Еден ден, околу 1811 година, додека Куртоа преработувал морски алги и ги третирал со сулфурна киселина, забележал нешто необично: од реакцијата почнал да излегува виолетов чад, со силен, продорен мирис.
Кога чадот се кондензирал, на стаклото се појавиле виолетово-сиви кристали – сјајни, необични, никогаш порано видени.
Тоа бил јод – нов елемент со мистериозни својства. Куртоа го пријавил откритието, а познатите хемичари Геј-Лисак и Хемфри Дејви го потврдиле дека се работи за нов хемиски елемент. Името „јод“ доаѓа од грчкиот збор „ἰοειδής“ (ioeidēs) – што значи виолетов.
Аналитички инструменти: Геј-Лисак ги усовршил лабораториските пипети, бирети и создаде алкохолометар, кој денес е познат како мерач со скала во степени„Геј-Лисак“


Алкохол и вино: Во Франција, проценката на процентот алкохол во вина и пијалаци често се прави според скалата на Геј-Лисак.
Како професор на Политехниката, Сорбона и Jardin des Plantes, Геј-Лисак бил пример за научен ерудит и наставник. Воедно бил назначен за член на Француската академија на науките, а подоцна и во политиката, каде што учествувал во развојот на хемиската индустрија и монетарниот систем.
Починал во 1850 година, оставајќи зад себе научно богатство што сѐ уште се користи. Законот за комбинирани волумени и неговите инструменти се дел од учебниците по хемија, а неговото име е врежано во алкохолометарите, уредите и историјата на науката. Законот на Геј-Лисак, кој гласи дека при постојан волумен на гасот, притисокот е директно пропорционален на неговата температура (изразено со формулата P ∝ T), има важни примени во секојдневието и технологијата.
Гејлуситот е минерална сол формирана како евапорит од алкални езерски води. Минералот е именуван во чест на Геј Лусак

Геј-Лисак е пример за научник кој не се задоволува само со теорија. Тој ја измерил атмосферата од небото, ја запечатил логиката во формули и ѝ дал прецизност на секоја капка во лабораторијата. Тој не е само име на закон – тој е гласот на хемијата што се слуша и денес.
WebDesign www.nainternet.mk