
Историјата на науката ретко нуди толку драматичен пресврт како приказната за хлороформот - соединение кое започнало како обична лабораториска загатка, прераснало во најпопуларниот анестетик на 19 век со кралски благослов, за на крајот да биде повлечено од медицината поради својата скриена токсичност. Неговата еволуција ги обединува органската хемија, медицинската храброст и општествените промени на викторијанската ера.
.jpg)
Во 1831 година, тројца научници - Американецот Семјуел Гатри, Французинот Ежен Суберан и Германецот Јустус фон Либиг - сосема независно еден од друг успеале да го синтетизираат истото испарливо, безбојно соединение со карактеристичен слаткаст мирис. Подоцна, францускиот хемичар Жан-Батист Дима го утврдил неговиот точен состав и му го дал името хлороформ (бидејќи при хидролиза давал мравја киселина, acidum formicum).
.png)
Од хемиски аспект, хлороформот е халогениран јаглеводород -трихлорометан, чија молекулска формула е CHCl3 (структурно: централен јаглероден атом поврзан со еден водороден и три хлорни атоми).
.png)
Во 19 век, индустриското и лабораториското добивање на хлороформ се одвивало преку т.н. халоформна реакција, со дејство на калциум хипохлорит (хлорирана вар) врз етанол (или ацетон). Севкупната стехиометриска равенка на добивање од етанол гласи:
2 CH3CH2OH + 5 Ca(OCl)2 → 2 CHCl3 + Ca(HCOO)2 + 4 Ca(OH)2 + 2 Cl2
Поедноставено, при реакција на ацетон со натриум хипохлорит (варикина), процесот се претставува со равенката:
CH3COCH3 + 3 NaOCl → CHCl3 + CH3COONa + 2 NaOH
Повеќе од една деценија по откритието, хлороформот се сметал за обична хемикалија, сè додека шкотскиот акушер и гинеколог Сер Џејмс Јанг Симпсон од Единбург не започнал потрага по подобра замена за диетил етерот (CH3CH2–O–CH2CH3). Етерот веќе се користел при операции, но бил екстремно запалив, имал тежок мирис и кај пациентите предизвикувал мачнини и долготрајно, бурно будење.
.jpeg)
На 4 ноември 1847 година, Симпсон и неговите двајца асистенти, д-р Џорџ Кит и д-р Метју Данкан, по вечерата вдишале пареа од хлороформ во домот на Симпсон. Откако првично почувствувале еуфорија, сите тројца одеднаш се онесвестиле под трпезариската маса.
.jpeg)
Кога Симпсон се разбудил, веднаш сфатил дека пронашол далеку побрз, понезапалив и попријатен анестетик од етерот. Само неколку дена подоцна, хлороформот успешно бил применет во клиничката пракса.
И покрај медицинскиот успех, употребата на хлороформ при породување наишла на силен отпор од конзервативните кругови и свештенството, кои сметале дека породилната болка е божја казна што жените мора да ја трпат, повикувајќи се на библиските зборови: „Со мака ќе раѓаш деца“!
Пресудниот пресврт се случил во април 1853 година, кога кралицата Викторија го раѓала своето осмо дете, принцот Леополд. Кралскиот лекар Џон Сноу (кој конструирал специјален инхалатор за прецизно дозирање на пареата) ѝ давал мали количини хлороформ на марамче. Кралицата го опишала дејството како „смирувачко, тивко и прекрасно“. Бидејќи Викторија била и врховен поглавар на Англиканската црква, нејзиниот пример ги урнал верските и општествените табуа. Методот станал познат низ Европа како Anesthesia à la Reine („анестезија на кралски начин“).
Иако хлороформот доминирал во хирургијата и акушерството во втората половина на 19 век, статистиката набрзо покажала дека тој има мрачна страна - т.н. „хлороформска смрт“ (ненадејно запирање на срцето дури и при мали дози, предизвикано од сензибилизација на миокардот на адреналин).
Покрај директната кардиотоксичност и оштетувањето на црниот дроб (хепатотоксичност), хлороформот покажал и сериозна хемиска нестабилност. Кога е изложен на светлина и кислород од воздухот, хлороформот бавно оксидира во исклучително отровниот гас фозген (карбонил дихлорид, COCl2), кој во Првата светска војна се користел како боен отров:
2 CHCl3 + O2 → 2 COCl2 + 2 HCl
Токму поради оваа реакција, хлороформот морал да се чува во темнокафеави шишиња, наполнети до врв, со додаток на мала количина етанол (околу 0,5–1%) како стабилизатор кој го неутрализира евентуално настанатиот физген претворајќи го во безопасен диетил карбонат:
COCl2 + 2 CH3CH2OH → (CH3CH2O)2CO + 2 HCl
Во првите децении на 20 век, со развојот на фармакологијата и подлабокото разбирање на физиологијата на дишењето и крвотокот, хлороформот постепено бил повлечен од медицинската употреба. Неговото место го зазеле многу побезбедни халогенирани соединенија (најпрво халотанот во 1950-тите, а денес изофлуранот, севофлуранот и десфлуранот), кои не предизвикуваат срцеви аритмии и оштетувања на органите.
Денес, хлороформот останува важен индустриски растворувач и суровина во органската синтеза (на пример, за добивање на тефлон), но во историјата на медицината зазема почесно место - како супстанцата што му покажала на човештвото дека хирургијата и раѓањето не мора да бидат синоним за неподнослива болка.
Не само да читате, туку и да направите. Вкусни селски питулици
Литиум-јонските батерии се едно од најзначајните технолошки достигнувања во современата електрохемија
WebDesign www.nainternet.mk