Хемија за сите

ДДТ – хемискиот Ал Капоне

Лабораториско откритие, револуционерно оружје против болести или симбол на еколошка катастрофа

Историјата на ДДТ (дихлородифенилтрихлороетан) е еден од најфасцинантните примери во науката – супстанца што поминала пат од незабележано лабораториско откритие, до револуционерно оружје против болести, и на крај до симбол на еколошка катастрофа. Оваа приказна не е само за едно хемиско соединение, туку и за луѓето кои го откриле, го искористиле и ги сфатиле неговите последици.

Сите знаат нешто за подемот и падот на ДДТ — како некогаш беше прославуван како голем благодет за човештвото; колку беше корисен на полињата и во градините, во домовите и дворовите; и како, на крај, на наше разочарување, беше разоткриен како убиец, хемискиот Ал Капоне, закана за нашата животна средина и можеби дури и за нашето постоење.

Историјата на ДДТ вреди да се разгледа, бидејќи нејзините фатални импликации се протегаат на целата наша цивилизација. Главниот лик во приказната е, се разбира, самото хемиско соединение. Но, тука се и двајца човечки протагонисти — хемичар од Швајцарија и морски биолог од Соединетите Држави — а нашата приказна започнува во 1936 година, клучна година за кариерните одлуки на секој од нив.

ддт

ДДТ првпат бил синтетизиран во 1874 година од Отмар Цајдлер, млад австриски хемичар на Универзитетот во Стразбур. Тој го создал ова соединение како дел од истражување за нови органски супстанции, но не знаел за неговите инсектицидни својства.

ддт хемикалиија

Дихлородифенилтрихлороетан

Цајдлер не го тестирал врз инсекти и не го комерцијализирал, па неговото откритие останало заборавено повеќе од шест децении. Во тоа време, никој не можел да претпостави дека оваа хемиска љубопитност ќе стане еден од најважните и најконтроверзните откритија на 20 век.

формула на ддт 

Трихлороацеталдехид или трихлороетанал + хлоробензен

Во 1930-тите, светот се соочувал со голема закана од заразни болести пренесувани од инсекти, како што се маларијата и тифусот. Швајцарската компанија Geigy му дала задача на својот хемичар Паул Херман Милер да пронајде нов, ефикасен инсектицид кој ќе биде нетоксичен за луѓето и животните, но фатален за инсектите. Милер четири години тестирал стотици различни хемикалии врз инсекти, сè додека во 1939 година конечно не дошол до ДДТ. Тој открил дека ова соединение брзо ги убива инсектите, дури и во мали количества, и дека има долготрајно дејство, останувајќи ефикасно со месеци. Најважно, во моментот на апликација, ДДТ не се сметал за токсичен за луѓето, што го направил идеален за широка употреба. Милер првпат го тестирал ДДТ врз вошки, кои биле носители на тифус, и забележал дека сите инсекти умираат за неколку минути. Потоа продолжил со тестови врз комарци кои ја пренесуваат маларијата – резултатите биле извонредни, што го направило ДДТ потенцијално револуционерно оружје против болестите.

дете со ддт

Во Втората светска војна, ДДТ бил искористен од американската и сојузничката армија како главно средство за борба против маларијата и тифусот, кои биле огромна закана за војниците.

Со растечка очајност, тие барале замена за пиретрумот, контактен инсектицид извлечен од цвет и, пред војната, главно увезуван од Јапонија. Војната со Јапонија го прекинала главниот извор на снабдување токму кога побарувачката за пиретрум нагло пораснала. Сојузничките доктори и санитарни инженери почнале да имаат кошмари за губење на војната од бактерии кои можеле да убијат повеќе луѓе отколку сите бомби и куршуми замислени во предатомската ера. Итно бил потребен синтетички контактен инсектицид — лесен и безбеден за ракување, способен за економично масовно производство — каков што ДДТ се чинеше дека е.

Во 1943 година, ДДТ бил користен во Сицилија за сузбивање на епидемија на тифус. Следната година, по ослободувањето на Неапол, американските трупи масовно прскале ДДТ за да ги убијат вошките што го ширеле тифусот. Ова било првиот пат во историјата кога епидемија на тифус била спречена пред природно да исчезне. Во 1945 година, ДДТ станал главен инсектицид во борбата против маларијата во тропските региони. Поради неговата улога во спасувањето милиони животи, Паул Херман Милер ја добил Нобеловата награда за медицина во 1948 година, иако немал медицинска диплома и никогаш не се занимавал со медицински истражувања.

нобелова за ддт

Паул Милер не доби Нобелова награда за генијалност, туку за упорност. Компанијата Geigy му дала задача да најде инсектицид нетоксичен за луѓето и животните. По четири години тестирање на илјадници соединенија врз инсекти, го предложи ДДТ, инсектицидот што спаси милиони животи, но и остави траен белег на нашата планета.

По војната – „Чудотворниот прав“

По 1945 година, ДДТ почнал да се користи во земјоделството и во урбаните средини. Кампањите за негово користење биле агресивни, а јавноста го доживувала како чудотворен производ. Камиони со ДДТ ги прскале улиците, парковите и плажите, а децата играле во облаци од ДДТ, бидејќи се верувало дека е целосно безбеден. Земјоделците го користеле масовно за заштита на посевите, а ДДТ станал синоним за модерното земјоделство и урбана хигиена. Во 1950-тите, ДДТ веќе бил најкористениот инсектицид во светот, а неговата слава достигнала врв.

дете со вошки

Сепак, во 1962 година се појави првото предупредување – американската биолог Рејчел Карсон ја објави книгата „Тивка пролет“ (Silent Spring), во која ги изложи опасностите на ДДТ. Таа открила дека ДДТ се акумулира во живите организми, бидејќи не се разградува брзо и се таложи во ткивата на животните и луѓето. ДДТ, исто така, нарушува хормонални процеси, предизвикувајќи репродуктивни проблеми кај животните, особено кај птиците. Еден од најдраматичните ефекти бил тенчењето на лушпите на јајцата, што довело до драстично намалување на популацијата на видови како што е белоглавиот орел во САД. Иако во почетокот се сметаше за безбеден, подоцнежни истражувања покажаа дека ДДТ може да предизвика невролошки проблеми, рак и нарушувања во ендокриниот систем кај луѓето. Книгата на Карсон предизвика огромна јавна дебата, што доведе до истражувања и политички притисок за забрана на ДДТ.

Како резултат на научните истражувања, многу земји почнаа да го ограничуваат користењето на ДДТ. Во 1972 година, ДДТ беше забранет во САД, а во 1980-тите и 1990-тите, голем дел од Европа и развиениот свет го забранија. Во 2001 година, потпишана е Стокхолмската конвенција за перзистентни органски загадувачи, со која повеќето земји во светот се согласија да престанат со употребата на ДДТ, освен во исклучителни случаи.

Иако ДДТ е забранет во многу земји, сè уште се користи во контролирани услови за борба против маларијата во Африка, Јужна Америка и делови од Азија. Светската здравствена организација дозволува ограничена употреба во затворени простории каде што другите методи се неефикасни. Оваа ограничена употреба е контроверзна, бидејќи и покрај неговите ефекти против маларијата, ризиците од ДДТ остануваат значителни.

Значи, да сумираме: ДДТ е еден од најконтроверзните хемиски соединенија во историјата. Од револуционерно оружје против болести до еколошка катастрофа, неговата приказна покажува како науката може да донесе големи придобивки, но и колку е важно да се проучуваат и долгорочните последици на секое ново откритие.

Автор на статијата: Блаже Димески
16 март 2025
Стршлените ќе ни помогнат во борбата против мамурлакот?

Постои суштество во животинското царство од кое ќе се засрами дури и најискусниот пијаница

Терпените – ароматичната хемија на природата

Замислете го освежувачкиот мирис на борови шуми ... или смирувачката арома на лаванда

Марија Склодовска Кири

Жената која донесе светлина во светот

>> Прочитај повеќе слични содржини!   

донирај

Генерален спонзор

генерален спонзор

Пријатели на науката

спонзор
спонзор
спонзор

Презентации и поимници

Презентации за основно образование

e hemija

Презентации за средно образование

hemija .ppt

Контактни информации:

e-hemija logo

Здружение за унапредување и развој на образованието и науката
„Е-ХЕМИЈА“ – Прилеп

Испрати порака:
e-hemija контакт

Е-Хемија на Facebook:
e-hemija facebook

Е-Хемија на Twitter:
e-hemija facebook

Пријатели на науката:

Здружение за унапредување и развој на образованието и науката „Е-ХЕМИЈА“ – Прилеп
Copyright © 2025 ehemija.mk

WebDesign www.nainternet.mk

e-hemija