Поимник

Поимник за осмо одделение

Каталог на непознати зборови по хемија за осмо одделение

За правилно прикажување на поимникот, ве молиме користете некој од следните прелистувачи:

прелистувачи

А

Алкани - соединенија во чиј состав влегуваат само елементите јаглерод и водород и кај кои постојат единствено т.н. единечни (прости) C-C врски. Општата формула на хомологната низа на алканите е CnH2n+2

Антациди - средства и лекови кои помагаат при лошо варење.

Алтернативни извори на енергија – обновливи извори на енергија.

Атом - основна градбена единка на елементите; Атомот е електронеутрална честичка.

 

Б

Бази (алкалии) - хидроксиди растворливи во вода, рH вредноста на базните раствори е поголема од онаа на чиста вода при истата температура (обично поголема од 7).

Бронза - легура што се состои главно од бакар и околу 12% калај, но и мали количини од други метали.

 

В

Валентност - број на хемиски врски што ги образува еден атом со други атоми.

Водородно гориво - вид на алтернативно гориво што произведува вода при согорување со воздух

Вриење - промена на агрегатната состојба од течна во гасовита што се случува на температурата на вриење на супстанцата: интензивно испарување на течноста при што се образуваат меурчиња исполнети со пареа од супстанцата што врие, кои излегуваат на површината на течноста

 

Г

Галванизација – процес на заштита на површината на еден метал преку обложување со тенок слој на друг метал.

Гас – супстанца во која честичките се наоѓаат на големи растојанија и слободно и хаотично се движат. Гасот нема ниту определен облик ниту определен волумен и го исполнува садот во кој се наоѓа; може да тече.

Гасен притисок – количник од силата и плоштината врз која дејствува оваа сила. Силата што ја врши гасот се јавува како резултат на постојаното удирање на молекулите од гасот врз ѕидовите на садот.

Графит - една од формите на јаглерод којашто спроведува електрицитет.

Густина - физичка величина која се дефинира како однос на масата и волуменот, единици: kg/m3или g/cm3.

 

Д

Дифузија - процес на спонтано мешање на супстанците при кој честичките на супстанците се распределуваат и меѓусебно се мешаат (без да бидат присилени да се мешаат). Дифузијата во гасови е најбрза.

 

Е

Еластичен - својство со кое опишуваме дали материјалот може да се витка ако на него се приложи сила.

Електричен изолатор - материјал којшто не дозволува електрицитетот лесно да се пренесува низ него,

Електричен спроводник - материјал којшто овозможува електрицитетот лесно да се пренесува низ него,

Електрична спроводливост - мерка за способноста на материјалот да пренесува електрицитет.

Електролиза - хемиска реакција на разложување на супстанците под дејство на електрична струја.

Електрон - негативно наелектризирана честичка во состав на атомот која кружи околу атомското јадро.

Елемент - множество атоми со еднаков број протони во јадрото.

Елементарна супстанца - види проста супстанца,

 

З

Закон за запазување на масата - еден од законите на хемијата според кој вкупната маса на супстанците пред и по реакцијата не се менува бидејки бројот на атоми од секој учесник останува ист по текот на реакцијата

Заситен раствор – раствор во кој не може да се раствори повеќе од максималното количество од супстанцата што се раствора на дадена температура.

 

И

Индекси - броеви напишани долу десно зад симболот на елементот. Индексите покажуваат колку атоми од секој елемент има во една единка на дадената супстанца.

Индикатори - супстанци кои ја менуваат бојата во зависност од киселоста на средината.

Испарување – промена на агрегатната состојба од течна во гасовита што се случува на температура пониска од температурата на вриење на супстанцата.

 

Ј

Јаглеводороди – органски соединенија изградени само од елементите јаглерод и водород.

Јаглен – вид фосилно гориво што настанува од мртви растителни остатоци подложени на високи температури и притисок во текот на милиони години.

Јадро – централен дел од атомот во кој се наоѓаат протоните и неутроните; атомот на водородот има најпросто јадро составено само од еден протон.

 

К

Карбонати – соли на јаглеродна киселина.

Киселини - група неоргански соединенија во чиј состав влегува елементот водород и киселински остатоци. pH вредноста на кисели раствори е помала од онаа на чиста вода при истата температура (обично помала од 7).

Ковлив – својство со кое опишуваме дали материјалот може да се обликува без да се скрши.

Кондензација- промена на агрегатната состојба од гасовита во течна.

Корозивни средства – супстанци кои ги „нагризуваат” материјалите, напаѓаат и уништуваат живи ткива, вклучувајќи ги очите и кожата.

Корозија – „разјадување“ на материјал со помош на хемиска реакција, честопати под дејство на кислород, вода или киселини од околината.

Кристализација - промена на агрегатната состојба од течна во цврста.

Кристализација од раствор – постапка за раздвојување на цврста супстанца од раствор.

Кртост - својство со кое опишуваме дали материјалот може лесно да се скрши под дејство на надворешни фактори.

 

Л

Легура – смеса од метали или смеса од метал и неметал. Легурите имаат поинакви својства од супстанците кои влегуваат во нивниот состав.

 

М

Металоид - види семиметал.

Молекула – неутрална честичка изградена два или повеке атоми сврзани заедно.

Молекулски модели претстави за градбата на единките коишто помагаат во објаснување на својствата на супстанците.

Молекулски формули – формули што го даваат точниот број атоми од секој вид во една градбена единка од соединението.

Мрзнење – види кристализација.

 

Н

Надразнувачки средства – супстанци кои може да предизвикаат вцрвенување или појавување на меури на кожата.

Нафта — вид фосилно гориво; густа, темна и леплива супстанца; смеса од јаглеводороди.

Не'рѓосувачки челик – легура на челик што не 'рѓосува; се добива со додавање никел и хром на стопен челик.

Непроѕирен – својство со кое опишуваме дека не може да се гледа низ материјалот; светлината или се апсорбира или се одбива од неговата површина.

Неутрализација- реакција меѓу киселина и база во којашто се добива сол и вода.

Неутрален раствор средина којашто не е ниту кисела ниту базна. рН вредноста на неутралните раствори обично е 7 на температура од 25 °С.

Нитрати -соли на азотна киселина.

Номенклатура - именување на хемиските соединенија.

 

О

Обојување на пламенот – начин на одредување присуство на елементи на одредени метали во некое соединение со помош на карактеристично обојување на пламенот добиено со загревање на нивни соединенија

Оксидација – вид хемиска реакција; честопати реакција меѓу некоја супстанца и кислород при што се образува оксид.

Оксиди – соединенија кои во својот состав содржат два елемента, од кои едниот е кислород: кислородот во оксидите е двовалентен. Честопати се образуваат при горење на супстанците на воздух или во чист кислород

Општа равенка – сумирана текстуална равенка со која се прикажуваат серија реакции што имаат ист тип реактанти и продукти.

Општа формула – формула која може да се примени на сите членови на една хомологна низа.

Органска хемија - дел од хемијата што се занимава со изучување на јаглеродните

(органските) соединенија.

Органски соединенија соединенија на јаглеродот, со исклучок на двата оксида на јаглеродот (јаглерод моноксид и јаглерод диоксид), јаглеродната киселина, карбонатите и цијанидите.

 

П

рН-скала - палета на бои на промена на даден индикатор која служи за споредба на добиената боја на индикаторот во испитуваниот раствор. Се користи за определување на киселоста на средината (кисела, базна или неутрална) и приближната вредност на рН.

Потемнува – опишува метална површина што го загубила сјајниот изглед поради реакција на металот со супстанци од воздухот.

Природен гас – вид фосилно гориво.

Продукти- супстанци што се образуваат при одвивање на хемиска реакција.

Проѕирен - својство со кое опишуваме дека може да се гледа низ материјалот; светлината поминува низ материјалот.

Проста (елементарна) супстанца – чиста супстанца образувана од само еден вид атоми, односно супстанца во чиј состав влегува само еден елемент. Простата супстанца, со обични хемиски постапки, не може да се разгради на уште попрости супстанци.


Р
Раздвојување на компоненти од смеса – физички постапки со коишто се раздвојуваат одделните компоненти од смесата врз основа на разликите во физичките својства на самите компоненти. Вакви постапки се: декантација, филтрација, кристализација, магнетна сепарација, дестилација и други.

Разложување – реакција при која од една супстанца (соединение) се добиваат две или повеќе супстанци (прости супстанци ил соединенија).

Реактанти - супстанци што стапуваат во хемиска реакција.

'Рѓосување - реакција на железо со кислород од воздухот и со вода при што се образува портокаловоцрвена цврста супстанца, позна како 'рѓа.

 

С

Својство – опис на изгледот или однесувањето на супстанцата,

Семиметал – супстанца којашто покажува и метални и неметални својства.

Смеса – мешавина од две или повеќе чисти супстанци, кои може да се раздвојат едни од други со помош на едноставни физички постапки.

Согорување - реакција во која супстанците горат на воздух или во атмосфера на чист кислород, при која најчесто образуваат оксиди и се ослободува енергија.

Соединение -чиста супстанца изградена од два или повеќе различни видови атоми. Со користење на хемиски постапки соединението може да се разгради на прости супстанци.

Соли – група неоргански соединенија во чиј состав влегуваат елементи на метали (или елементите од амониум групата) и киселински остатоци.

Структурни формули- формули во кои се прикажани распоредот и начинот на поврзување на сите атоми во една градбена единка од соединението.

Сублимација – директна промена на агрегатната состојба од цврста во гасовита при загревање на супстанца на атмосферски притисок; пример: сув мраз (цврст јаглерод диоксид

Сулфати – соли на сулфурна киселина.

 

Т

Таблица на периодниот систем на елементите - таблица во која се сместени сите хемиски елементи подредени во групи според сличноста во нивните својства.

Талог- нерастворлива цврста супстанца којашто се добива при мегусебна реакција на раствори од две различни супстанци.

Таложна реакција - реакција во која при мешање на два раствора се образува нерастворлива цврста супстанца како продукт

Тврдост – својство со кое опишуваме дали некоја цврста супстанца е тврда или мека. За мерење на ова својство се употребува посебна скала, наречена Мосова скала, според која најголема тврдост има дијамантот (вредност 10 а најмек минерал е талкот, кому му е припишан вредност 1. Зборот „цврсто“ секогаш се однесува на агрегатната состојба, а со зборот „тврдо“ го опишуваме материјалот.

Текстуална равенка – кус запис на хемиските реакции во кој називите на супстанците што стапуваат во реакција се наведуваат лево од стрелката, а називите на оние што се образуваат при одвивање на хемиска реакција десно од стрелката.

Температура на вриење – температура на која супстанцата преминува од течна во гасовита агрегатна состојба, при што во течноста се образуваат меурчиња исполнети со пареа од супстанцата што врие, кои излегуваат на површината од течноста.

Температура на топење - температура на која цврстата супстанца почнува да се топи.

Теорија за честички на материјата (корпускупарна теорија) – теорија според којашто сета материја е составена од честички; го опишува распоредот и движењето на овие честички.

Течност – супстанца во која честичките се релативно блиску едни до други и хаотично се движат. Течноста има определен волумен, но нема определен облик и го зазема обликот на садот во кој се наоѓа; може да тече.

Топење – промена на агрегатната состојба од цврста во течна.

Топлинска спроводливост- мерка за способноста на материјалот да пренесува топлина.

Топлински изолатор- материјал којшто не дозволува топлината лесно да се пренесува низ него.

Топлински спроводник – материјал којшто овозможува топлината лесно да се пренесува низ него.


У

Универзален индикатор - смеса од бои што добива различно обојување во зависност од рН на растворот чијашто киселост се испитува.


Ф

Физичка промена – промена на супстанцата при којашто не доаѓа до промена на нејзиниот хемиски состав.

Физички процес – процес при којшто не доаѓа до промена на хемискиот состав

Филтрација - постапка за раздвојување на компоненти од смеса врз основа на разликата во големината на нивните честички; најчесто се раздвојува цврста супстанца од течна.

Формулна единка – наједноставна единка на супстанцата којашто содржи определен број јони од даден вид прикажани во хемиската формула.

Фосилни горива – горива што секојдневно ги употребуваме и кои настанале од изумрени морски растенија и животни; необновливи извори на енергија.

 

Х

Хемиска врска- заемно дејство (интеракција што атомите ги држи заедно.

Хемиска промена - промена на супстанцата која води до промена во хемискиот состав.

Хемиска равенка – кус запис на хемиските реакции во кој симболичните ознаки (симболи и формули) на супстанците што стапуваат во реакција се наведуваат лево од стрелката, а симболичните ознаки на оние што се образуваат при одвивање на хемиска реакција десно од стрелката.

Хемиска реакција — види хемиски процес.

Хемиски процес – процес при којшто од една или повеќе супстанци се добива/ат друга/и супстанца/и.

Хемиски симболи – куси ознаки за хемиските елементи или за атомите на елементите; хемиските симболи се изведени од латинските називи на елементите.

Хемиски формули – куси ознаки за називите на соединенијата и на некои прости (елементарни) супстанци, а може да се користат и за прикажување на повекеатомски градбени единки. Хемиска формула покажува и колку атоми од секој вид има во една градбена единка на супстанцата.

Хидроксиди – група неоргански соединенија во чиј состав влегуваат елементи на метал и елементите од хидроксидната група (OH-групата). Исклучок е амониум хидроксидот, во чиј состав влегуваат елементи на неметали.

Хлориди - соли на хлороводородна киселина (се добиваат и при реакција на некои елементарни супстанци со гасот хлор).

Хомологија - појава две или повеќе соединенија да се разликуваат за една или повеќе –CH2-групи.

Хомологна низа – низа во која хомологните соединенија се подредени според растење на бројот на јаглеродни атоми во молекулата.

Хомологни соединенија – соединенија чиито формули меѓусебно се разликуваат за една или повеќе – CH2 групи.

 

Ц

Цврста супстанца- супстанца во која честичките се допираат и се подредени едни до други; не ја менуваат својата местоположба, туку само вибрираат околу една положба.

Цврстите супстанци имаат определен облик и волумен.

 

Ч

Челици – легури на железо и други елементи, најчесто јаглерод, но и хром, никел и волфрам.

Чисти супстанци – супстанци коишто при определени услови имаат постојан состав и постојани физички и хемиски својства; одделни делови од чистите супстанци не може да се раздвојат со помош на физички постапки.

 

Каталог непознати зборови по хемија за осмо одделениеПреземи го каталогот со непознати зборови по хемија за осмо одделение во pdf

донирај

Генерален спонзор

генерален спонзор

Пријатели на науката

спонзор
спонзор
спонзор

Хемија за сите

Можно ли е да имаме провидна кожа?

Тартразин, азо боја која ќе ги замени скапите медицински процедури


Коса, хемиjа на минивалот

Убаво е да ја знаете хемијата што стои позади фризерските мајстории


Тардигради

Микроскопски животни ни откриваат како да ја освоиме вселената и да се заштитиме од радијација


Ернест Радерфорд

„Tаткото на нуклеарната физика“ кој доби Нобелова награда за хемија


>>Види повеќе слични содржини!

Презентации и поимници

Презентации за основно образование

e hemija

Презентации за средно образование

hemija .ppt

Контактни информации:

e-hemija logo

Здружение за унапредување и развој на образованието и науката
„Е-ХЕМИЈА“ – Прилеп

Испрати порака:
e-hemija контакт

Е-Хемија на Facebook:
e-hemija facebook

Е-Хемија на Twitter:
e-hemija facebook

Пријатели на науката:

Здружение за унапредување и развој на образованието и науката „Е-ХЕМИЈА“ – Прилеп
Copyright © 2024 ehemija.mk

WebDesign www.nainternet.mk

e-hemija