Хемија за сите

Кинин - „светата кора“

Првата позната употреба на хемиско соединение за лекување на заразна болест

Како малубројните конквистадори во само неколку децении успеале да освојат милениумски култури и напредни цивилизации на Америка?

конквистадор

Има две причини: нивната технолошка супериорност (вооружување) и болестите. Освен нивните коњи, железни мечеви и мускети, Европејците со нив во Новиот свет донесоа многу поразорно оружје; микроби и вируси, на кои домородното население немало развиено имунитет и кои во рамките на првиот век од контактот на цивилизациите убиле голем дел од домородното население.

Сипаници, чума, туберкулоза, маларија, сифилис, жолта треска, грип беа убијци на Стариот свет, но како што доаѓале во бранови, постепено, населението развивало имунитет кон нив.

На Индијанците, кои со милениуми се развиваат одвоено од остатокот од светот, овие болести им беа исто толку непознати како оние болести кои Европејците лесно ги надминале, како што се сипаниците, заушките и големата кашлица.

Може погрешно да се заклучи дека Индијaнците можеле да ги намалат разорните ефекти од овие болести ако биле понапредни и ги имале поразвиен систем за третмани и лекување. Но таквата претпоставката се побива со фактот дека индијанските исцелители го пронашле лекот за маларија. Тајната состојка беше кининот, еден од состојки на традиционалниот лек на перуанската кора од дрвото кининовец (cinchona)

drvo i steblo kinin

Кининовец (Cinchona officinalis) дрвото од чија кора се добива кинин

Пред воведувањето на кининот, маларијата убивала годишно преку два милиони луѓе ширум светот, а по ширењето на тој лек, стапката е значително намалена, што на крајот го овозможило Европското населување на Америка.

Точно е дека Индијанците на нивниот континент имале најголем број на лековитите билки, но тие поседувале и богато познавање на фармакологијата и медицинска пракса со кои Европските лекари и алхемичари не можеле да се мерат. Пример: Индијанците од Канада подготвиле пијалак што ги заштитила Европјаните заболени од скорбут а содржел огромна доза на витамини.

 Европејците го игнорирале ова индијанско откритие до делото на James Lind кон крајот на 18 век што е познат како откривач на причините и лековите за скорбут. Работата на Линд доведе до откритие на витамините и подлабоко разбирање на човечката исхрана

Африка -„гроб на белиот човек“.

Кининот одигра значајна улога и во колонизацијата на Африка од Европејците. Се вели дека достапноста на кинин за лекување е главната причина поради која Африка престана да биде позната како „гроб на белиот човек“. Некои теоретичари сметаат дека токму ефикасноста на кининот им дала можности на колинистите нови можности да се населуваат на Златниот брег, во Нигерија и низ други делови на западна Африка.

маларија

Преносник на овој паразит, а и на самата болест, е женката од еден вид тропски комарец , која со убод го внесува паразитот во човекот (кој друг ако не жените).

Бидејќи ларвите на комарецот сè до излегувањето од лушпата се наоѓаат под вода, главно во мочуришта, маларијата е најраспространета во мочуришните подрачја.

Маларија е заразна болест што ја предизвикува мал паразит наречен плазмодиум. Тоа вклучува зголемена телесна температура, главоболка, замор, засилено потење, повраќање, а можат да се појават и нешто поинакви знаци како суво кашлање, болки во мускулите, зголемување на црниот дроб или дури и нервни дисфункции и губење на свеста, а во најтешките случаи - кома и смрт.

Во Европа, маларијата била нормална појава за мочуриштата и местата покрај реките. Најлоши се покажале мочуриштата околу градот Рим, сигурно заради големината на градот и благата медитеранска клима. Тоа предизвикало смрт на неколку папи, многу кардинали и безброј обични римски граѓани. Повеќето од католичките свештеници обучени во Рим виделе жртви на маларија и биле запознаени со треперењето што го предизвикува фебрилната фаза на болеста.

Кората од кининовец станува повредна од златото

Третманот на маларија со кинин ја означува првата позната употреба на хемиско соединение за лекување на заразна болест.

Језуитот Агостино Салумбрино (1564–1642), аптекар кој живеел во Лима (Перу), го набљудувал кечуаното користење на кората на дрвото кининовец за лекување на таквото треперење. Во првата прилика, Салумбрино испратил мала количина во Рим на тестирање како третман за маларија. Во годините што следеа, кората од кининовец, позната како језуитска кора или перуанска кора, стана една од највредните производи што се испраќаа од Перу во Европа. Кога кралот Чарлс II бил излечен од маларија на крајот на 17-тиот век со кинин, тој станал популарен и во Лондон. Тој остана антималаричен лек скоро 300 години , поточно до 1940-тите, кога се пронајдени слични други лекови, но со помалку несакани ефекти .

Пак хемијата е повикана да ја спасува ситуацијата...

Кининот првпат бил изолиран во 1820 година од кората на дрвото кининовец, а неговата молекулска формула била одредена од Штрекер во 1854 година.Класата на хемиски соединенија на која припаѓа се нарекува кининови (кинински) алкалоиди.

Кининот е базичен амин и обично е во форма на сол. Различни постоечки препарати вклучуваат хидрохлориди, дихидрохлориди, сулфати, бисулфати и глуконати.

Формата на кинин најефикасна во лекувањето на маларијата ја пронашол Charles Marie de La Condamine во 1737 година. Во 1820 година, француските истражувачи Pierre Joseph Pelletier и Joseph Bienaimé Caventou првпат изолирале кинин од кората на дрво од родот Cinchona - веројатно Cinchona pubescens - и последователно ја именувале супстанцата. Името е изведено од оригиналниот збор кечуански (Инка) за кората на дрвото cinchona, quina или quina-quina, што значи „кора од кора“ или „света кора“. Пред 1820 година, кората се сушела, се мелела до ситен прав и се мешала во течност (најчесто вино и се викала кино-вино) за да се испие. Голема употреба на кинин како профилакса на маларија започнала околу 1850 година.

кинин формулакинин формула

C20H24N2O2

 

За да го задржат својот монопол врз кората на Cinchona, Перу и околните земји почнаа да го забрануваат извозот на семиња и фиданки на почетокот на 19 век. Холандската влада го шверцува семето, а до крајот на 19 век Холанѓаните ги одгледуваат растенијата во индонезиските плантажи. Наскоро тие станаа главни снабдувачи на дрвото.

Масовни жртви од маларија и во дваесетиот век

За време на Втората светска војна, сојузничките сили беа отсечени од снабдувањето со кинин кога Германија ја освои Холандија, а Јапонија ги контролираше Филипините и Индонезија. Десетици илјади американски војници во Африка и Јужниот Пацифик умреле од маларија поради недостаток на кинин.И покрај тоа што го контролираа снабдувањето, Јапонците не го искористија ефективно кининот и илјадници јапонски војници во југозападниот Пацифик загинаа како резултат на маларија.

Маларија во Македонија

Маларијата е позната и во Македонија. Поконкретни податоци за маларијата во Македонија има во документацијата на Франција и Англија, од периодот на Првата светска војна. Франција и Британија чии војски војувале на Македонскиот фронт, се грижеле за здравјето на своите војници. Имале мобилни болници и воделе прецизна евиденција за здравствената состојба. Според бројот на заболени и починати од маларија, се констатира дека во Македонија има епидемија на маларија. Повеќе за ова погледнете на сликава:

маларија во Македонија

Маларијата во Република Македонија ја имало и по Втората светска војна, во Дојранско, Охридско и Битолско. Со низа заштитни мерки, како на пример, канализирање на мочурливите површини во битолскиот дел на Пелагонија и аеросолизација против комарци, болеста е ставена под контрола.

Автор на статијата: Блаже Димески
13 март 2022
Јанус кристали

Хемичарите создадоа кристали за екстракција на влагата од воздухот со нула потрошена енергија

Карл Вилхелм Шеле наречен „баксузот“

Извонредно баксузен, скромен фармацевт кој откри осум елементи и не доби признание за ниту еден од нив

Детергенти базирани на ензими

САД во 2010 година ги забранија фосфатите од производите за миење садови и ткаенини

>> Прочитај повеќе слични содржини!   

донирај

Генерален спонзор

генерален спонзор

Пријатели на науката

спонзор
спонзор
спонзор

Презентации и поимници

Презентации за основно образование

e hemija

Презентации за средно образование

hemija .ppt

Контактни информации:

e-hemija logo

Здружение за унапредување и развој на образованието и науката
„Е-ХЕМИЈА“ – Прилеп

Испрати порака:
e-hemija контакт

Е-Хемија на Facebook:
e-hemija facebook

Е-Хемија на Twitter:
e-hemija facebook

Пријатели на науката:

Здружение за унапредување и развој на образованието и науката „Е-ХЕМИЈА“ – Прилеп
Copyright © 2025 ehemija.mk

WebDesign www.nainternet.mk

e-hemija