Овде не се работи за фиљан англиски џентлмен и негово милениче, туку за човековата бескрајна иновативност од нешто добро да направи нешто најлошо и најмизерно!
Имено, од почетокот на човековата цивилизација се јавува потреба од „нешто“ што ќе ја победи болката и кога науката ја достигнува таа цел, веднаш се наоѓа некој кој ќе изнајде начин за злоупотреба!
Болката е непријатно емоционално и физичко чувство кое се јавува како последица на некоја повреда, заболување или оштетување на ткивата и органите и е сигнал за предупредување што телото го испраќа до мозокот дека нешто не е во ред со нашето здравје!
Од најстари времиња човекот барал начини да ја намали болката а особено при поголеми повреди и лекарски третмани како што се вадење на заби, скршеници, ампутирања на екстремитети и слично.
Од тешките повреди, луѓето умирале не само од траумата туку и од доживеаниот шок од самата болка при спроведувањето на процедурата на лечење.
Првото спомнување на анестезија е пронајдено во 3000 п.н.е. во Месопотамија, каде што ги „анестезираат“ пациентите со стискање на каротидните артерии за да ја загубат свеста (акупресура). Египќаните користеле снег за да предизвикаат аналгезија со ладење (хипотермија) на телото. Овој метод го користеле и француските лекари кои во текот на руската кампања на Наполеон во 1812 ампутирале без никаква анестезија директно на улиците на температури под -20°! Источнокинеската култура ја развива акупунктурата и хипнозата како посебна форма на аналгезија.
Во античките медицински текстови се споменува употребата на некои средства за „анестезија“ кај пациенти со повреди како што е мандрагората, а во други култури се споменуваат кокаин, марихуана, хашиш, кактуси, беладона, опиум, алкохол (кој што имал де).
Современата анестезија можеме да ја поврземе со Парацелзус во 1540 година, кој предложил употреба на диетил етер (етер) за ублажување на болката, па понатаму се откриени азотниот оксидул (диазот моноксид), хлороформ, па разни деривати на опиум, кокаин, до најсовремените барбитурати, бензодиазепини...
Модерниот Морфеј
Хлорал хидрат е помалку познат седатив и хипнотички лек, откриен од Јустус фон Либиг со хлорирање на етанол во 1832 година. Неговите седативни својства за прв пат се објавени во 1869 година, а подоцна се широко користени заради едноставност на синтезата:
4 Cl2 + C2H5OH + H2O → Cl3CCH(OH)2 + 5 HCl
Хлорал хидрат е добро растворлив во вода и алкохол, а нема ни карактеристичен мирис или вкус. Токму овие својства биле главна причина за неговата злоупотреба: Растворот на хлорал хидрат во алкохол се користел за подготовка на Мики Фин (што е сленг за пијалак што може да го онеспособи човекот без негово знаење).
*Мики Фин (Michael - Mickey - Finn), бил раководител и шанкер на мотел и ресторан во Чикаго во периодот од 1896 до 1903 година. За него се открило дека користи дрога (хлорал хидрат) за да ги ограбува богатите гости во ресторанот и салонот кои ги раководел.
Има писмени докази дека англиската морнарица го користела за насилно регрутирање на морнари. Имено, една од најтешките, најопасните и најмалку платените работи во тоа време била работата на бродовите и сè помалку луѓе се пријавувале како доброволци во Кралската морнарица. Значи, вечерва си во крчма, пиеш рум а сабајле се разбудуваш, мамурен и дезориентиран на едреник насред Атлантикот! За вакви цели се користел долго време, заради тоа што бил евтин и лесно се подготвувал а забранет е дури по Втората светска војна кога е откриен ланец од келнери и угостители кои ги дрогирале своите богати гости, туристи и муштерии, ги ограбувале и ги фрлале по паркови а тие не можеле да се сетат каде биле и што правеле!
„Руфи“ дрога за силување
Уште пострашен е случајот со Рохипнолот (Флунитразепам, C16H12FN3O3), бензодиазепин кој се користи за лекување на тешка несоница и помага при анестезија и е уште еден доказ дека хемијата не е лоша наука туку човечкиот ум е извитоперен до бескрајност!
Тоа е средство за смирување околу десет пати помоќно од лексилиумот. Лекот е достапен како бела, розова или маслинесто-зелена таблета но незаконски се користи за извршување сексуални напади бидејќи ја прави жртвата неспособна да се спротивстави, давајќи и репутација на дрога за „силување“. (Нарекувана е и како „date rape drug“ или „roofy“)
Корисниците често ги опишуваат неговите ефекти како „парализирачки“. Жртвата може да биде толку онеспособена што ќе колабира. „Тие лежат на подот, со отворени очи, можат да ги набљудуваат настаните, но целосно не можат да се движат. После тоа, меморијата е нарушена и тие не можат да се сетат на ништо од она што се случило“.
Лицето доживува губење на мускулната контрола, конфузија, поспаност и антероградна амнезија. Поединците не можат да се сетат на одредени настани што ги доживеале додека биле под дејство на „Руфи“, што ги комплицира испитувањата: жртвите не можат јасно да се сетат на нападот, на напаѓачот или на настаните околу нападот.
Затоа еден совет: Кога сте на патување во друг град или земја, дружете се со познати лица, движете се во поголеми групи, не посетувајте сомнителни локали, не примајте пијалак од непознати и не покажувајте многу пари или накит!
Хемичарите создадоа кристали за екстракција на влагата од воздухот со нула потрошена енергија
Извонредно баксузен, скромен фармацевт кој откри осум елементи и не доби признание за ниту еден од нив
САД во 2010 година ги забранија фосфатите од производите за миење садови и ткаенини
WebDesign www.nainternet.mk