Хемија за сите

Дмитри Иванович Менделеев

Архитектот на природниот поредок кој остана без Нобел

Колку и да е некој „дудук“ за хемија, едно име мора да го знае – Дмитриј Иванович Менделеев.

mendeleev

Доволно е да го слушнеме неговото презиме и пред очи веднаш ни се појавува Периодниот систем на елементите – онаа шарена табела што висеше во секој кабинет по хемија.За милиони ученици таа беше симбол на безброј формули и тешки контролни задачи.Но, за науката таа претставува нешто многу поголемо.

perioden

Тоа е мапата на материјата.Азбуката со која е напишана целата Вселена

Пред Менделеев, хемијата личела на библиотека во која сите книги биле расфрлани по подот. Биле познати шеесетина елементи, но никој не знаел според каков редослед треба да бидат распоредени. Секој нов елемент изгледал како случајно откритие, без очигледна врска со останатите. Менделеев бил убеден дека природата не работи случајно. Ако постои ред во движењето на планетите, ако постојат математички закони што управуваат со светлината и гравитацијата, тогаш мора да постои и скриен поредок меѓу хемиските елементи. Тој не барал нов елемент. Тој барал законот што ги обединува сите. И го пронашол.

Роден во далечниот сибирски град Тоболск, Менделеев бил најмладото дете во многудетно семејство.Неговото детство било исполнето со сиромаштија и трагедии. Татко му ослепел, а по неговата смрт целата тежина паднала врз мајка му Марија. Таа не се помирила со судбината. Гледајќи ја љубопитноста и интелигенцијата на својот син, тргнала со него на пат долг илјадници километри низ Русија за да му обезбеди образование во Санкт Петербург. Тоа било патување исполнето со лишувања, студ и неизвесност. Набргу откако успеала да го запише на студии, починала од исцрпеност. Менделеев никогаш не ја заборавил нејзината жртва.

mendeleev deca

Подоцна ќе напише дека токму неговата мајка му оставила најголемиот животен аманет – секогаш да ја бара вистината, без страв од авторитетите. И навистина живеел така. 

Во средината на XIX век хемичарите се обидувале да ги класифицираат елементите, но сите системи имале недостатоци. Менделеев со денови и ноќи ги испишувал својствата на секој познат елемент на посебни картички и постојано ги преместувал, барајќи скриена логика. Потоа се случило нешто што засекогаш ќе ја промени науката. Забележал дека ако елементите се подредат според нивната атомска маса (тогаш атомска тежина), нивните својства почнуваат периодично да се повторуваат.

Одеднаш, хаосот добил смисла.

Но неговиот најгенијален потег допрва следел. Таму каде што правилото „се кршело“, тој не го менувал правилото. Го оставал местото празно. Тоа барало огромна научна храброст. Практично им порачал на своите колеги: „Не грешам јас. Природата сè уште не ви ги открила овие елементи.“

Не само што ги оставил празните места, туку со неверојатна самодоверба ги пресметал својствата на елементите што сè уште не постоеле во учебниците. Предвидел колкава ќе биде нивната атомска маса, густина, температура на топење, видот на нивните соединенија и нивното хемиско однесување. Неколку години подоцна биле откриени галиумот, скандиумот и германиумот. Кога научниците ги споредиле нивните вистински својства со предвидувањата на Менделеев, останале без зборови. Совпаѓањето било речиси неверојатно.

Толку многу му верувал на својот Периоден закон што не се двоумел да ги оспори ниту тогашните експериментални мерења. Кај неколку елементи предложил дека нивните атомски маси се погрешно определени, бидејќи не се вклопувале во неговата шема. Подоцнежните, попрецизни мерења покажале дека токму Менделеев бил во право.

Во тој момент Периодниот систем престанал да биде обична табела. Станал доказ дека природата навистина има свој длабок, универзален поредок.

Постојано се раскажува една легенда дека по три дена и три ноќи непрекината работа, исцрпен заспал над работната маса. Во сонот, целиот распоред на елементите му се појавил одеднаш. Се разбудил, ја грабнал хартијата и брзо ја запишал шемата што ја видел.

tekst mendeleev

Без разлика колку легендата е романтизирана, едно е сигурно – зад тој „сон“ стоеле години размислување, пресметки и огромна интелектуална работа.Генијалноста никогаш не доаѓа сама. Таа доаѓа кај оние што долго ја бараат.

Но Менделеев не бил човек што можел да остане затворен во границите на една научна идеја.

Зад себе оставил повеќе од 430 научни трудови, а само мал дел од нив биле посветени исклучиво на хемијата. Работел во физичката хемија, метрологијата, геологијата, индустријата, земјоделството и економијата, убеден дека науката мора да му служи на развојот на општеството.

Посебно внимание им посветил на растворите, кои во негово време биле вистинска научна загатка. Наместо да ги смета за обични смеси, Менделеев тврдел дека во нив постои хемиска интеракција помеѓу растворената супстанција и растворувачот. Во својата капитална монографија Изучување на водните раствори според нивната специфична тежина (1887) изнел идеи кои подоцна ќе станат темел на современата теорија за раствори и ќе ја навестат теоријата за хидратација на јоните.

Неговата љубопитност не познавала граници. Истражувајќи ги течностите и гасовите, дал значаен придонес во разбирањето на критичната температура – температура над која гасот повеќе не може да се втечни, без оглед на применетиот притисок. Во Русија неговото име и денес стои покрај равенката на идеалниот гас, позната како Клапејрон–Менделеевата равенка.

ravenka

Менделеев бил и еден од најголемите визионери на руската индустрија. Години ја проучувал нафтата, убеден дека таа ќе стане едно од најголемите богатства на иднината. Во време кога многумина ја гледале како непријатна црна течност што извира од земјата, тој веќе ја гледал како горивото што ќе ја придвижува модерната цивилизација. Учествувал во развојот на првата руска рафинерија, предложил употреба на цевководи за транспорт на нафта уште во 1863 година и ја застапувал хипотезата дека нафтата има длабоко, абиотско (неорганско) потекло во внатрешноста на Земјата.

Како директор на Главната комора за мерки и тегови, Менделеев бил еден од најзаслужните за воведувањето на метричкиот систем во Русија. За него, науката започнувала таму каде што започнува прецизното мерење. Верувал дека држава која не знае точно да измери, никогаш нема да стане индустриска сила. Конструирал исклучително прецизни аналитички ваги и развил нови методи за мерење кои долго време претставувале стандард во руските лаборатории.

Неговата љубопитност стигнала дури и до воената технологија. На барање на руската морнарица развил безчаден барут наречен пироколодион, кој требало да го замени класичниот црн барут. Иако никогаш не влегол во масовно производство поради високата цена, уште еднаш покажал дека не бил само теоретичар, туку научник кој постојано барал практични решенија за реалните проблеми.

balon mendeleev

Се дигнал во балон со водород за да го набљудува затемнување на Сонцето... 

Но зад овој огромен интелект се криел човек со тежок карактер.

Менделеев бил директен, тврдоглав и бескомпромисен. Не знаел дипломатски да премолчи кога мислел дека некоја теорија е погрешна. Особено остро ја критикувал теоријата за електролитската дисоцијација на шведскиот хемичар Сванте Арениус.Арениус тоа никогаш не му го простил.

Во 1906 година Менделеев бил сериозен кандидат за Нобеловата награда за хемија, предложен три годи по ред, со девет номинации.Многумина сметале дека признанието конечно ќе заврши во вистинските раце. Но зад затворените врати на Нобеловиот комитет се воделе и лични битки. Историчарите сметаат дека влијанието на Арениус одиграло значајна улога во тоа Менделеев да остане без наградата.

Само една година подоцна, на 2 февруари 1907 година, Менделеев починал во Санкт Петербург. Илјадници студенти го испратиле до вечниот дом носејќи го високо над ковчегот неговото најголемо дело – Периодниот систем.

Но историјата знаела подобро да суди од секој комитет.

Во 1955 година научниците синтетизирале нов, вештачки елемент со атомски број 101 и го нарекле менделевиум (Md). Неговото име денес го носат и кратер на далечната страна на Месечината, престижниот Златен медал на Руската академија на науките и реткиот минерал менделеевит.

Но неговиот најголем споменик не е ниту еден од нив. Тој виси на ѕидовите на училиштата ширум светот. Во секоја лабораторија. Во секој универзитет. Во секој учебник по хемија.

Затоа денес, повеќе од еден век по неговата смрт, секој ученик, студент, инженер, лекар или научник што ќе погледне во Периодниот систем, всушност гледа во најголемиот споменик што некогаш му бил подигнат на еден хемичар.

Менделеев не ја откри само табелата на елементите. Тој ја откри логиката според која е изградена материјата.

dvete zeni na mendeleev

Светец или грешник?

Дмитриј во 1862 година се оженил со Феозва Лешчева, која била 6 години постара од него. По околу 18 години во овој брак, на 46-годишна возраст, тој станал опседнат со најдобрата другарка на својата внука - 19-годишната Ана,која била дури 32 години помлада од неговата сопруга.

Се венчале и покрај жестокото противење на Руската православна црква, бидејќи според црковните закони, требало седум години да не се преженува. Кога поповите се жалеле кај царот Александар III дека фактички се работи за бигамија, тој им рекол:

- Точно е, Менделеев има две жени, ама јас имам само еден Менделеев!

20 јуни 2021
Хемија на карбокатјоните

Како Џорџ Ола ја смени парадигмата на органската синтеза и индустрија

Валтер Нернст

Гениј кој не знаеше за граници

Бетон

Материјалот што ја обликуваше човечката цивилизација

>> Прочитај повеќе слични содржини!   

донирај

Генерален спонзор

генерален спонзор
локална самоуправа

Пријатели на науката

спонзор
спонзор

Презентации и поимници

Презентации за основно образование

e hemija

Контактни информации:

e-hemija logo

Здружение за унапредување и развој на образованието и науката
„Е-ХЕМИЈА“ – Прилеп

Испрати порака:
e-hemija контакт

Е-Хемија на Facebook:
e-hemija facebook

Е-Хемија на Twitter:
e-hemija facebook

Пријатели на науката:

Здружение за унапредување и развој на образованието и науката „Е-ХЕМИЈА“ – Прилеп
Copyright © 2026 ehemija.mk

WebDesign www.nainternet.mk

e-hemija