Хемија за сите

Jacobus Henricus "Henry" van 't Hoff Jr.

Холандски хемичар, прв добитник на Нобелова Награда за хемија, еден од основоположниците на физичката хемија.

Неговата пионерска работа помогна да се развие  модерната теорија за хемиски афинитет, хемиска рамнотежа, хемиска кинетика и хемиска термодинамика. Van't Hoff  ја формулирал теоријата за тетраедарски јаглероден атом и ги поставил темелите на стереохемијата...

Но, да одиме од почеток...

Van 't Hoff  ја имал таа привилегија и среќа да  студира во Германија, кај August Kekule и во Париз кај C. A. Wurtz,во тоа време најеминентните хемичари во светот.

Научните истражувања под водство на Кекуле му го донесоа на младиот хемичар van 't Hoff неговото прво значајно достигнување - тој ја открива и изолира пропанската киселина.

Van 't Hoff  ја стекна својата најрана репутација во областа на органската хемија. Во една статија тој го објаснува феноменот, откриен на почетокот на 19 век, за промена на насоката на движењето на светлински  зрак при минување низ некои хемиски материи во вид на кристали. Имено,уште на почетокот на 19 век, Jean-Baptiste Biot забележал дека кристалните форми на одредени супстанци можат да го променат правецот на зраците на поларизираната светлина што минуваат низ нив.

henricus-1

Научните набљудувања, исто така, покажаа дека некои молекули (тие се нарекуваат оптички изомери) ја ротираат рамнината на светлината во спротивна насока од онаа во која ја ротираат другите молекули, иако и првата и втората се молекули од ист тип и се состојат од ист број на атоми. Набљудувајќи го овој феномен во 1848 година, Луј Пастер претпоставил дека таквите молекули се огледални слики едни на други и дека атомите на таквите соединенија се распоредени во три димензии.

Henry

Според van't Hoff, таквата промена во флуксот на светлината во молекулата е предизвикана од појавата на специјални изомери кои се огледални слики едни на други. Во 1874 година, тој го објасни феноменот на оптичка активност со претпоставка дека хемиските врски помеѓу јаглеродните атоми и нивните соседи биле насочени кон аглите на правилен тетраедар. Заслугата за ова ја дели со францускиот хемичар Жозеф Ле Бел, кој самостојно  и истовремено дошол до истата идеја.

Во моделот предложен од van't Hoff, четирите валенции на јаглеродниот атом се насочени кон темињата на тетраедарот, во чиј центар се наоѓа овој атом. Користејќи таков модел, van’t Hoff предложил дека поради поврзувањето на атомите или атомските групи со јаглеродот, тетраедарот може да биде асиметричен и напишал: „Во случај кога четирите афинитети на јаглеродниот атом се заситени со четири различни едновалентни групи, можно е да се добијат два и само два различни тетраедри, кои се огледална слика една на друга и не можат ментално да се комбинираат,  и затоа, имаме работа со две структурни формули во просторот.“

treta dimenzija fizika hemija

Неговата статија била именувана како „Предлог за примена во просторот на современите структурни хемиски формули, заедно со белешки за односот помеѓу оптичката ротациона моќ и хемиската конституција на органските соединенија“.Со ова, тој практично ја внесе третата димензија во хемијата на голема врата!

Три месеци пред да му биде доделена докторската диплома, van't Hoff ја објавил оваа теорија, која денес се смета за основа на стереохемијата. Во овие рани години, неговата теорија беше во голема мера игнорирана од научната заедница и беше остро критикувана од еден истакнат хемичар, Hermann Kolbe: „фантастична глупост, целосно лишена од каква било фактичка основа и целосно неразбирлива за сериозен истражувач“

Меѓутоа, околу 1880 година, поддршката за теоријата на van't Hoff од страна на важни хемичари како Johannes Wislicenus и Viktor Meyer  значеше признание за валидноста на неговата теорија.

Несоборливиот доказ за тетраедарското распоредување на врските околу јаглеродниот атом дојде во 1913 година кога Bragg ја утврди структурата на дијамантот користејќи рендгенска кристалографија и откри дека е тетраедарска мрежа од јаглеродни атоми со агли на врска C-C-C од 109,5 °.

Во 1875 година, тој ги предвидел правилните структури на алените и кумулените, како и нивната аксијална хиралност .

Пред крајот на животот се концентрира на проблемите на биохемијата, особено проучувањето на ензимите, кои служат како катализатори за хемиските промени неопходни за живите организми.

Физичка хемија

Во 1884 година, van't Hoff го објавил своето истражување за хемиската кинетика,  во кое опишал нов метод за одредување ред на реакција користејќи графички методи  и ги применил законите на термодинамиката  и на  хемиска рамнотежа. Тој, исто така, го воведе современиот концепт на хемиски афинитет.

Од големо значење е неговиот развој на општата термодинамичка врска помеѓу топлината на конверзија и поместувањето на рамнотежата како резултат на температурните варијации. При постојан волумен, рамнотежата во системот ќе има тенденција да се помести во таква насока што ќе се спротивстави на температурната промена што му се наметнува на системот. Така, намалувањето на температурата резултира со развој на топлина, додека зголемувањето на температурата резултира со апсорпција на топлина.

Овој Принцип  на динамичка рамнотежа подоцна (1885) беше ставен во општа форма од Le Chatelier, кој го прошири принципот  и со промена на волуменот, за наметнати промени на притисокот - сега е познат како van't Hoff-Le Chatelier принцип.

Во 1886 година, тој увидел сличност помеѓу однесувањето на разредените раствори и гасовите.

Тој го формулирал законот за осмотски притисок  кој објаснува како концентрациите се изедначуваат во растворите што се одвоени со мембрана што му дозволува на растворувачот да помине, но не и на растворената супстанција.

Откритието што го направи беше многу важно, бидејќи сите хемиски реакции и реакции на размена во живите суштества се случуваат во раствори. Научникот, исто така, експериментално утврдил дека осмотскиот притисок, кој е мерка за тенденцијата на две различни раствори од двете страни на мембраната да ја изедначат концентрацијата, во слабите раствори зависи од концентрацијата и температурата и, според тоа, ги почитува законите за гасови на термодинамика.

Неговите закони дадоа физичка  валидност за теоријата на електролитичка дисоцијација на Арениус  и се сметаат за најсеопфатни и најважни во областа на природните науки.

 Во 1901 година van't Hoff стана првиот добитник на Нобеловата награда за хемија, која му беше доделена „како признание за големото значење на неговото откритие на законите на хемиската динамика и осмотскиот притисок во растворите“.

Изјава од негов современик и колега:

„Можеме да разликуваме три групи научници. Во првата и многу мала група ги имаме оние  кои откриваат фундаментални односи. Меѓу нив се van’t Hoff, Arrhenius и Nernst. Во втората група ги имаме луѓето кои не го прават големото откритие, но кои ја гледаат важноста и значењето на тоа и кои им го проповедаат Евангелието на незнабошците. Оствалд е апсолутно на чело на оваа група. Последната група ги содржи нас останатите, луѓето на  кои треба да им се објаснат работите“.

Е ВАКА СЕ ДОБИВА НОБЕЛОВА НАГРАДА, А НЕ СО ЏИБАЊЕ НА МОБИЛНИО И СУРФАЊЕ ГЛУПОСТИ!

nobel oh no!

Автор на статијата: Блаже Димески
27 март 2022
Стршлените ќе ни помогнат во борбата против мамурлакот?

Постои суштество во животинското царство од кое ќе се засрами дури и најискусниот пијаница

Терпените – ароматичната хемија на природата

Замислете го освежувачкиот мирис на борови шуми ... или смирувачката арома на лаванда

Марија Склодовска Кири

Жената која донесе светлина во светот

>> Прочитај повеќе слични содржини!   

донирај

Генерален спонзор

генерален спонзор

Пријатели на науката

спонзор
спонзор
спонзор

Презентации и поимници

Презентации за основно образование

e hemija

Презентации за средно образование

hemija .ppt

Контактни информации:

e-hemija logo

Здружение за унапредување и развој на образованието и науката
„Е-ХЕМИЈА“ – Прилеп

Испрати порака:
e-hemija контакт

Е-Хемија на Facebook:
e-hemija facebook

Е-Хемија на Twitter:
e-hemija facebook

Пријатели на науката:

Здружение за унапредување и развој на образованието и науката „Е-ХЕМИЈА“ – Прилеп
Copyright © 2025 ehemija.mk

WebDesign www.nainternet.mk

e-hemija