Во 1964 година истражувачка група од Универзитетот во Мичиген правела серија експерименти за влијанието на електрично поле врз колонии на бактерии Escherichia coli (E. coli)
Накратко, две платински електроди биле ставени во петриева шоља со оваа бактерија и се пропуштала еднонасочна струја низ неа. Утврдиле дека после некое време, клетките на бактериите престанале да се размножуваат.
После серија на обиди, дошле до заклучок дека не струјата туку средината или нешто во неа го запира размножувањето на клетките.
Бидејќи се работело за солен амонијачен раствор, претпоставиле дека овие три компоненти, заедно со атомите на платина кои се испуштаат во растворот ги „стерилизираат“ бактериите.
Имено, ако се пропушти струја низ златни, сребрени или платински електроди, во воден раствор, се добива колоид (колоидно злато, сребро или платина, според методот на Бредиг) и така добиените атоми на платина со амонијакот и хлорните јони од растворот градат комплексно соединение - диамминдихлороплатинат (II) - [Pt(NH3)2]Cl2.
Но овој комплекс има две форми (геометриски изомери) а се покажало дека само cis-формата има физиолошко дејство додека транс формата е неактивна. Затоа ова соединение cis-диаминдихлороплатинат (II) го добива тривијалното име - цисплатин!
Размислувањето на научниците оди во овој правец: ако тоа соединение го спречува размножувањето на бактериите, зошто да не го спречи и размножувањето на клетките на ракот, затоа што ракот претставува неконтролирано делење на нападнатите клетки.
Механизмот на дејствување на ова соединение е во комплексирање на DNA на тој начин да цисплатинот со DNA гради попречни врски во кои двата хлорида од цисплатинот ги заменуваат азотните атоми од соседната гванинска база од истата нишка на DNA.
Значи, менувајќи ја конфигурацијата на DNA на заболените клетки, цисплатинот ја уништува способноста на клетките на ракот да се репродуцираат
Оштетената клетка потоа се уништува од имунолошкиот систем на телото.
Овој лек се дава интравенозно и покажува одлични резултати во третирањето на некои видови рак(на пример, стапката на лечење на рак на тестисите пораснала од 10% на дури 85%), но има и негативни споредни ефекти како сериозно оштетување на бубрезите, нервното ткиво, губење на слухот, електролитен дисбаланс, хемолитичка анемија ...
За надминување на овие проблеми, се истражуваат начини за директна испорака на лекот - цисплатин до туморните клетки со т.н. нанотехнологија и нанобиосензори да се избегне уништувањето на здравите клетки!
Шупливиот внатрешен простор на јаглеродните наноцевки е испитуван за биомедицински апликации, како складиште на лекови и паметен материјал за контролирано ослободување на молекулите на лекот до туморните ткива, за да се избегне колатерално оштетување на нормалните ткива.
Нашите прабаби можеби немале формално знаење од хемија како што го имаме денес, но ...
Некогаш многу популарни, а денес, контролирани супстанци, со минимална медицинска употреба
WebDesign www.nainternet.mk