Приказната за Волтер Вајт, професорот по хемија во едно американско средно училиште, кој стана крал на метамфетаминот, завршува трагично по него, оставајќи ни само спомени, неверојатно висок број на убиства и многу наука.Култната серија „Breaking Bad“_не е секогаш беспрекорно научно прецизна, но дури и кога натежнува кон уметничката страна, всушност таа си остана хемиски приземјена.
Волт е брилијантен истражувач-хемичар кој мора да ја напушти својата работа и да започне кариера како предавач по хемија во средно училиште.Откако открил дека има рак во терминална фаза, тој ги насочува своите вештини кон производство на метамфетамин во соработка со поранешниот ученик Џеси Пинкман.
Со неговото знаење како наставник по хемија, има моменти кога Волт му дава инструкции на Џеси како да е сè уште назад во училницата. Џеси бил многу лош ученик по природни науки, но додека „готви“ мет со Волт, тој почнува да ја разбира и почитува хемијата што е толку суштинска потреба за добар производ.
Да видиме кои научни лекции ги научивме од професорот Вајт.
Што има во телото:
Во еден флешбек, помладиот, пожесток г-дин Вајт ги набројува хемикалиите во човечкото тело: 63 проценти водород, 26 проценти кислород, 9 проценти јаглерод, 1,25 проценти азот, 0,25 проценти калциум, 0,00004 проценти железо, 0,04 проценти натриум и 0,19 проценти фосфор. Но, тоа не е сосема 100 проценти. Другото е душата?
Здравствените ефекти на рицинот
Според „Breaking Bad“ Рицинот е отров кој многу личи на сол и за него нема против-отров.
Рицинот е многу токсичен ако се вдишува, инјектира или проголта. Исто така, може да биде токсичен ако прашината дојде во контакт со очите или ако се апсорбира преку оштетената кожа. Дејствува како токсин со инхибиција на синтезата на протеините. Ги спречува клетките да составуваат различни аминокиселини во протеини во согласност со пораките што ги добива од гласникот РНК во процес што го спроведува рибозомот на клетката (машинеријата за создавање протеини) - тоа е најосновното ниво на клеточниот метаболизам, суштински за сите живи клетките, а со тоа и на самиот живот. Со голтање, патологијата на рицинот е во голема мера ограничена на гастроинтестиналниот тракт, каде што може да предизвика повреди на мукозата. Со соодветен третман, повеќето пациенти ќе се опорават добро.Смртните случаи од внесување на семки од рицинус се ретки, делумно поради нивната несварлива обвивка од семето и поради тоа што дел од рицинот се деактивира во желудникот. Пулпата од осум зрна се смета за опасна за возрасен. Стапката на преживување при голтање рицин е 98%.
Хемиски експлозиви- живин фулминат
Џеси е измамен и претепан од психопатскиот гангстер Туко. Волт се соочува со Туко во неговата канцеларија, нудејќи му повеќе кристали, но инсистирајќи веднаш да биде платен. Туко почнува да станува гаден, но Волт има план. Торбата со кристали од мет што штотуку му ја дал на Туко, всушност, била „ живин фулминат “. Тој ги фрла кристалите на земја,тие детонираат, создавајќи моќна експлозија. Го гледаме Волт како победнички оди од остатоците од чад, држејќи ја својата торба со пари. Но, дали мал кристал навистина може да направи толку голема штета?
Живиниот фулминат е многу нестабилно и експлозивно соединение кое може безбедно да се направи само во многу мали кристали, но тоа е нешто што би можел да го направи еден професор во средно училиште.
Кристалите поголеми од неколку милиметри се многу незгодни за ракување. Кристалите на Волт се прилично големи и една кеса од нив не би била доволно стабилна за да се шета и да се ракува како што гледаме во серијата. Тие, сепак, теоретски би создале многу моќна експлозија. Но, ударниот бран несомнено ќе ги активираше другите кристали во торбата на бирото на Туко. Доколку Волт и Туко за чудо би ја преживеале експлозијата, долго време немало да можат да слушаат со двете уши.
Импровизираната батерија
Ако барате нешто помалку смртоносно во Breaking Bad, можете да ја погледнете епизодата „Four Days Out“, во која Волт конструира батерија од мет-хемикалии, монети и поцинкуван метал. Оваа техника можеби не е доволна за да се поттикне стартерот на возилото, како што прават на шоуто, но е добар поттик за учење.
Во таа пустинска сцена, Волт и Џеси „готват мет“, но кога треба да се вратат дома, откриваат дека батеријата на автомобилот е мртва. Волт прави импровизирана батерија од киселина, различни метали и жици и му ја објаснува хемијата на Џеси. Ако ставите два различни метали во киселина (или дури и раствори на електролити како што е морската вода), разликата во хемиската реактивност помеѓу металите произведува напон. Тоа е основа на електрохемиска ќелија. Голем број од вакви ќелии поврзани во серија се нарекуваат батерија.
Објаснувањето на Волт е прилично точно, но, за жал, толку едноставна батерија ќе обезбеди само мал дел од моќта потребна за стартување на моторот.
Горење на бравата
Волт и Џеси прегоруваат брава во тешка врата за да добијат пристап до продавница за индустриски хемикалии. Волт го опишува процесот што го користат – термитна реакција . Овде мешате метален оксид (на пример железен оксид) со реактивен метален прав (како алуминиум) и тој произведува железен метал и алуминиум оксид. Температурата на реакцијата е екстремно висока и може да се користи за заварување на пруги или навистина да ја изгори бравата. Науката овде е точна и епизодата станува незаборавна додека Џеси и Волт тапкаат во место и се сопнуваат додека се обидуваат да ги носат хемиските буриња наместо да ги тркалаат.
Може ли синиот мет да биде чист мет?
Кристалниот мет што го прави Волт се подразбира дека е невообичаено чист и исто така има карактеристична нежна сина боја(син мраз). Ова е корисно за наративот, но генерално бојата на кристалот не сугерира чисто или нечисто хемиско соединение. Нечистотиите во минералите како што е кварцниот кристал може да доведат до тоа да изгледа розово (розов кварц) или виолетово (аметист), но генерално бојата е резултат на начинот на кој електроните во супстанцата ја апсорбираат светлината и не е специфичен показател за чистота.
Отровен гас
Во една сцена, во нивната импровизирана мобилна мет лабораторија во пустината, на Волт му се закануваат двајца гангстери. Тој импровизира метод како да ги убие со фрлање црвен фосфор во топла вода. Волт успева да истрча, затворајќи ги гангстерите внатре. Подоцна му објаснува на Џеси дека оваа реакција произведува отровен гас фосфин. Црвениот фосфор може да реагира со водород за да произведе фосфин - но не и со топла вода. Белиот фосфор може да реагира со натриум хидроксид (хемикалија што тој би ја имал), но можете да видите дека фрла црвен прав, наместо бела материја. Црвениот фосфор не се хидролизира до значителен степен во топла вода, ниту пак се пали. Металните фосфиди, од друга страна, брзо би се хидролизирале во присуство на вода, а некои, како калциум фосфид, исто така создаваат дифосфан во контакт со вода, кој е пирофорен и чиешто брзо палење во воздухот би изгледало како експлозија. Иако Волтер јасно користи црвен фосфор, безбедно е да се претпостави дека писателите решиле да го поедностават заплетот за негово ослободување од мафијашите, со тоа што ќе го натераат да користи нешто што го имал на масата за готвење наместо да извлекува метални фосфиди од нигде никаде.
Бањата за растворање тела
Гасот убива само еден од гангстерите. Волт собира храброст да го убие другиот, но сега има проблем да се ослободи од телото. Во ужасна сцена, Џеси додава флуороводородна киселина (HF) за да го раствори телото. Тоа е корисна киселина во секоја лабораторија поради нејзината необична хемија. Единствено таа од сите киселини го раствора стаклото и затоа мора да се чува во пластични (или тефлонски) шишиња.
Тоа е моќна киселина, но хемијата на HF е таа што го тера да раствори стакло (и делови од телото), а не неговата супер „јачина“. За жал, Џеси не го следи внимателно советот на Волт да користи специфичен тип на пластичен сад (кој би бил отпорен на HF). Тој едноставно го истура во неговата бања. Остатоците од делумно растворено тело и када паѓаат низ растворениот таван.
Некои од најдобрите моменти на Breaking Bad се продолжените монтажи за готвење мет, а на патот дознаваме некои факти од хемијата додека Волт и неговиот партнер Џеси ја вршат својата работа. Методот P2P за правење мет е вистинска, возможна работа, а за да го направите тоа, потребно ви е хемиско средство за редукција. Во емисијата, тоа е жива-алуминиум, бидејќи беше најлесно за изговарање а звучи бомбастично.
Предупредување: Ние не одобруваме готвење мет, правење експлозиви или мешање отрови. Ве молиме не обидувајте се со ништо од работите во оваа статија! Сериозно, никогаш не правете ги овие работи! Затоа и ги нема формулите и реакциите кои инаку се наоѓаат во самиот текст!!!!!!!
Можеме само да се надеваме дека кај некои читатели ќе се разбуди љубов и страст кон хемијата, а можеби и да му стане животна преокупација.
Тартразин, азо боја која ќе ги замени скапите медицински процедури
Микроскопски животни ни откриваат како да ја освоиме вселената и да се заштитиме од радијација
WebDesign www.nainternet.mk